На сила новото законско решение за попис, Мицкоски почнува со собирање потписи

ВМРО-ДПМНЕ до крајот на неделава, или почетокот на следната ќе почне со собирање потписи за рушење на законот за попис, потврдува опозицискиот лидер Христијан Мицкоски за Дојче Веле. Смета дека пописот станал игра на проценти, наместо статистичка операција. Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ срамно било и нивото на заплашување и невистини кои се шират низ овој, според неговите зборови политички попис.

-Ќе почекаме да се објави законот во ‘Службен весник’, веднаш потоа ќе се соберат и пратенички потписи, а паралелно од крајот на оваа или од почетокот на идната недела, ќе започнеме со собирање на граѓански потписи низ подрачните единици на Министерството за правда, за носење на нов закон со кој ќе се укине законот со кој се отвора патот за фалсификат и политички попис. Ќе ги повикаме граѓаните масовно да се потпишат на нашиот предлог за укинување на таквиот закон. Се надевам дека нема да се случи Владата да одлучи да го игнорира гласот на граѓаните, изјави Мицкоски.

Од опозицијата не се согласуваат ниту со потегот на претседателот Стево Пендаровски да го потпише законот. Мицкоски изразува и незадоволство што не бил прифатен ниту еден амандман на ВМРО-ДПМНЕ.

-Очекувано беше Пендаровски да не се одважи и наместо да застане на страната на граѓаните, застана на страна на одбрана на интересите на Зоран Заев, изјави Мицкоски.

Додека опозицијата најавува дека нема да ги признае резултатите од пописот, власта останува на ставот дека истиот ќе биде спроведен во април. Од СДСМ велат дека Државниот завод за статистика, институциите и државата имале капацитет да спроведат попис според сите прописи на Евростат.

-Жално е што во ВМРО-ДПМНЕ имаме неодговорни политичари, кои само од блокадите, саботажите и поделбите ја влечат идејата за своето постоење. Недозволиво е постојаното ставање сопки, кочење на процесите, подбуцнување на поделби, националистички конфликти, повици за бојкот и саботажи. Еднаш засекогаш треба да сфатат во белиот дворец дека сите политички партии треба да се стремат кон подобар заеднички живот, а не да тонат со сеење раздор меѓу народот, изјави пратенилката на СДСМ Снежана Калеска Ванчева.

Инаку, токму на темата попис состанок имаа министерската за труд и социјала, Јагода Шахпаска и директорот на Статистика, Апостол Симовски. На средбата, станало збор и за лицата без документи и бездомните лица, кои исто така треба да бидат попишани.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста