На само еден месец пред почеток на учебната година властите се без план што ќе прават со учениците

На само еден месец пред стартот на учебната година, здравствените и образовните власти немаат идеја, ниту стратегија дали и како ќе стартува учебната година. Најрано во петок Комисијата за заразни болести ќе ја отвори оваа тема, што пак дополнително ја отежнува работата на наставниците кои немаат време да се подготват за почетокот на школската година. Алфа од извори во Комисијата дознава оти на денешниот состанок била разгледувана само моменталната епидемиолошка состојба во земјата, но конкретно за протоколите во образованието не станало збор.

Првиот човек на центарот за јавно здравје, Стојанов минатата недела најави дека крајниот рок да се утврдат протоколите е 10 август.

„Не можете на едно мало дете да му објасните дека не треба да седи заедно со другарчето. Но некои мерки ќе мора да се направат. Најдобро е да се редуцираат, што помал број да бидат на едно место. Но, кој можел да мисли на тоа, ако имаме 100 градинки, требало да има 200 градинки. Школи и сега има што работат во три смени, колку треба да работат во шест? Може да ги намалиме часовите, ама пак ќе ги има децата, 30 минути се доволни за да се развијат вирусите“ вели првиот Александар Стојанов од Центарор за јавно здравје.

Но, ситуацијата ја отежнува здравствената состојба на министерот за образование, Арбер Адеми, кој е позитивен на корона вирусот и не може да присуствува на состаноците.

За сега останува неизвесно, дали улениците сепак ќе седнат во училишните клупи со задолжителна дистанца меѓу нив, ќе бидат ли скратени часовите или ќе се крати наставната програма? Ќе се учи во три смени и крајно, каде ќе има настава со далечинско учење, а каде со физичко присуство?

Алфа од свои извори дознава оти наставниците за сега никој не ги консултирал околу текот на наставните часови, ниту пак имаат било какво известување на стартот на учебната година. И родителите не знаат дали да почнат да ги подготвуваат децата за на школо.

И додека овие дилеми ги мачат и педагозите и родителите, претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, во гостување на ТВ Алфа, најави оти конечната одлука, дали и според кои протоколи ќе учат учениците, најверојатно ќе треба се почека до крајот на август.

„Постојат две опции. Првата, учиме на далечина, осносно учиме преку компјутер. Или, опција Б, ќе ги отвориме училиштата ама не по 40 деца во клас. “ рече доктор Караџовски.

Тоа пак отвора нови дилеми – дали со почетокот на есента и најавата на нов, уште посилен бран на корона вирусот, ќе настане хаос во училиштата и градинките, особено поради фактот дека работите веројатно ќе се „измешаат“ кога ќе дојде и сезоната на грипот.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста