На повидок реални шанси за економски развој на Поречието како регион кој е високо поставен помеѓу приоритетите на престојната Влада
Катастрофалниот Регионален пат кон Скопје преку Резерватот „Јасен“ и се’ уште постоечкиот, а докажано неодржлив Проект за изградба на браната „Калуѓерица“ стар речиси половина век, се само две од повеќето големи причини заради кои Поречието како регион со децении чмае во својата неразвиеност. Иако изобилува со исклучително ретки природни потенцијали за сестран економски раст и развој, Поречието, со тоа што беше целосно заборавено од државата, отсечено е и од цивилизираниот свет, вели градоначалникот на Македонски Брод, Жарко Ристески.
„Всушност, тие два проблеми, наместо да го забрзаат економскиот развој, така биле искреирани на времето, ние имаме обратен процес – забавување на економскиот развој“ – посочува Жарко Ристески, градоначалник на Македонски Брод.
Но, она што радува и дава надеж дека оваа трета македонска општина според својата површина конечно ќе почне да се развива, се начелните планови на новата Влада, каде развојот на Поречието е ставен помеѓу врвните приоритети.
„Во агендата на Владата патот Македонски Брод – Скопје, во Програмата во моментот не е ставен, но е високо ставен во агендата за реализација. Зошто? Затоа што бевме внимателни оти треба да се направат неколку законски измени, бидејќи поминуваме низ Националниот парк „Јасен“ и да се направи нова проектна документација. Направени се целосни анализи и за браната „Калуѓерица“, контактирани се сите релевантни институции и очекуваме дека со просторниот план на РМ, сега во 2025 година, браната „Калуѓерица“ повеќе нема да биде пречка за развојот на општина Македонски Брод“, – дециден е Ристески.
Поречани се убедени дека оваа брана апсолутно не е потребна и е штетна, бидејќи нејзината изградба би значела и потопување на голем број населени места, патишта, но и на веќе развиени, но и потенцијални бизниси кои се лоцирани долж течението на реката Треска.
„Жителите масовно се иселуваат, потенцијалните инвеститори бегаат, а додека пак оние кои веќе се нашле тука, мака мачат како да опстанат“, објаснуваат тие.
Инаку, Резерватот „Јасен“, освен диви животни, срни и елени за лов на ексклузивни ловци од државава и странствo, крие и воени објекти, изградени уште од бивша Југославија. Објектите се дел од воените капацитети и една од можните локации каде би бил сместен државно-воениот врв и од каде што би командувал во евентуални воени услови.
Каролина Дурло
https://youtu.be/Bgd1i12mQqY