Во услови на пандемија – недостига инсулин

На повидок нова инсулинска криза во Македонија. По којзнае кој пат, а сега во услови на пандемија – дијабетичарите мака мачат да го обезбедат инулинот – лекот кој живот им значи. Тие се жалат дека веќе неколку недели во аптеките го нема.

“Веќе извесен период се соочуваме со недостиг на некои видови на инсулини.Како родител на дете со дијабетес…недозволиво е во ек на пандемија да се јавува дефицит од било каква инсулинска терапија. Две до три недели има недостаток на одредени инсулини…” – вели Наташа Деспотовска Димитриевска – претседател на асоцијацијата Детски дијабет.

На дел од здруженијата на дијабетичари надлежните им соопштиле дека недостигот на инсулин бил поради технички проблеми во дистрибуцијата.

“Повеќе од две недели се јавува недостаток на инсулин.Се работело за технички проблеми при дистрибуцијата на инсулинот. За жал сеуште има недостаток на инсулинот токму кој го користат децата.” – изјави за Алфа  Диме Велев – претседател на Здружението на дијабетичари на Македонија.

Од министерство за здравство демантираат дека има недостиг на инсулин – ама признаваат дека инсулините од типот Новорапид и Новомикс се при крај.

“Недостатокот на инсулин се должи на физиолошкото покачување на дозите кај постоечките пациенти, зголемениот број на пациенти кои што се поставени на овие инсулини и губењето на одредена количина на инсулин во резервоарот на инсулинската пумпа кај децата.” – велат за Алфа од Министерството за здравство.

Инаку во Македонија, вкупниот број на дијабетичари изнесува 125.000 од кои 45.000 на инсулин. Од нив 500 се деца до 18 години.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста