На повидок нов дипломатски скандал – предизборно делење амбасадорски позиции?!

На повидок нов скандал во македонската дипломатија – на само 65 дена до техничката Влада и 165 до предвремените избори се брза да се пополнат амбасадорски места кои со години беа празни.

Градоначалничката на Тетово Теута Арифи во Вашингтон, професорот од Правен Миша Докмановиќ во Тел Авив, советникот на премиерот Дане Талевски во седиштето на НАТО во Брисел, дипломатката од кариера Шпреса Јусуфи во Анкара.

Ова се најсериозните кандидати кои би требало да добијат амбасадорски позиции, дознава Алфа од извори во Министерството за надворешни работи.
Официјално и оттаму и од Кабинетот на Претседателот само велат дека во тек се консултации и усогласувања за потенцијалните кандидати.

„Овој процес е во финална фаза, а по завршувањето на истата, ќе се преземат законски утврдените процедурални активности за комплетирање на процесот“ велат од МНР за Алфа.

„Процесот за избор на амбасадори во дипломатско – конзуларните претставништва е во тек. Кабинетот на Претседателот е во постојани консултации со Владата и со ресорното Министерство за надворешни работи“ велат од Кабинетот на Претседателот за Алфа.

Македонија има 57 дипломатско – конзуларни претставништва низ светот, а дури 27 од нив подолг период се без амбасадори. Ова пред се е резултат на коалициските недоразбирања меѓу СДСМ и ДУИ кои не можат да се договорат околу поделба на колачот.

Поранешниот министер за надворешни Антонио Милошоски предупредува дека ова може да предизвика политички тензии и да остави лош впечаток за државата.

„На два месеци од детронизирањето на премиерот во заминување и на два месеци од формирањето на техничка влада, Заев и Димитров треба да размислат дали по секоја цена ќе туркаат пополнување на амбасадите со цел да задоволат одредени партиски, коалициони или лични обврски кон одредени луѓе“ вели поранешниот министер за надворешни Антонио Милошоски.

Токму пред три години актуелниот министер за надворешни работи Никола Димитров го стопираше заминувањето на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски на позицијата амбасадор во Европската Унија зашто одлуката за негово испраќање ја донесе тогашната Влада во заминување.

Никола Крстиќ