На одмор во странство ќе одат само вакцинираните

Ако до лето ја примите вакцината против ковид19, може да правите планови за летување во соседна Грција. Дигнати гранични рампи ќе има само за оние кои ќе се вакцинираат – открива грчкиот министер за туризам Теохарис.
“Ќе има две категории патници – оние кои биле вакцинирани и тие кои не се. Имено вакцинираните повеќе нема да треба да бидат тестирани или ставани во карантин туку по пристигнување само ќе треба да покажат документ за вакцинација. За оние кои не се вакцинирани, ќе има проширени алатки за гранична контрола, а мерките ќе зависат од текот на вакцинацијата по земја, но и од текот на болеста кај секоја од нив.” – вели грчкиот министер за туризам, Харис Теохарис.
Од друга страна, српските власти алармираат дека вакцинацијата нема да биде единствениот услов за добивање на ковид пасош, туку дека ќе биде потребен и негативен корона тест.
“Ние во овој момент се обидуваме да направиме билатерален договор со одредени држави, пред се Грција,Турција, Египет Турција, Црна Гора и Бугарија дестинации кои се најпосетувани. И воведување на ковид пасоши би била голема предност за луѓето кои сакаат да патуваат.” – вели Сеничиќ.
И додека Македонија уште ги чека анти- ковид вакцините, и со сигурност нашите здравствени власти не можат да кажат кога ќе пристигнат и во колкава количина, соседна Србија одамна почна со имунизација – досега вакцинирани се 9.300 луѓе. Премиерката Брнабиќ најави дека до крајот на јануари Србија ќе има два милиона вакцини.
“Дополнителни 1,3 до 1,5 милиони дози вакцини се очекуваат во февруари.Така до мај, јуни се надевам дека ќе можеме да ја завршиме вакцинацијата.”- рече Ана Брнабиќ, премиер на Србија.
Брнабиќ најави дека утре се одлучува за отворање на границите. Инаку, Македонија изгледа ќе биде последна земја во регионот што ќе добие вакцина против корона вирусот. Освен Србија Грција и Бугарија веќе почнаа со имунизацијата. Албанија првите вакцини ќе ги добие при крајот на овој месец.
Ања Василева