На народот не му е до славење, експерти ја обвинуваат владината политика за апатичната прослава на 8 септември

Ниските плати, а високите цени за живејачка и нефункционалноста на целокупниот државен систем – само дел од причините за незадоволство на граѓаните што е воочливо на денот на независноста на републиката, која се прослави со апатична свеченост во градскиот парк на „Школка“. Нерасположеноста да се говори за најголемиот државен празник, ден по прославата, на истата локација, ја забележа и објективот на Алфа. Малкумина храбри зборуваат дека чувството е такво, оти немаштијата си го прави своето.

Скромната посетеност на прославата се должи на разочараноста од владините политики, коментира поранешниот амбасадор и аналитичар Ристо Никовски, кој вели „онаа Македонија од 1991 повеќе ја нема, избришана е“.

-Македонска држава повеќе не постои. Народот чувствува болка, чемер и темнина, наместо радост и убавини. Се работи за настани кои го дерогираат она за кое се избори македонскиот народ во 1991 година, вели Никовски.

И политичкиот аналитичар Агим Јонуз, со критика за одбележувањето на независноста. Во својата колумна тој наведува оти Владата ни малку не се намачила да и придаде значење на независноста како државен празник, барем со обезбедување на знамиња.

-На еден таков ден, да не беа оние „кои мораат“ ќе беше двајца без тројца. А, од она што се вика сериозно одбележување, мојата најсериозна забелешка е што Владата не одделила некој денар да дели знаменца на Македонија, па на децата да им дели да си мафтаат… да се знае дека таа гужва не е „из чиста мира‘‘, него се работи за држава! Градскиот парк треба да биде прешаран со знамиња, со налепници, со маици, со бесплатна ладна вода, со црвено жолти балончиња за дечињата! Па така се всадува свест на државност!

На свеченоста не се појавија високите претставници на албанската владејачка ДУИ. Наместо првиот човек на партијата, Али Ахмети, или собранискиот спикер Талат Џафери, доволни биле владините функционери, посочи Артан Груби во телефонски разговор за Алфа.

Македонија одбележува 28 години од успешно спроведениот референдум во 1991 година, на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава. На референдумот над 95 отсто од граѓаните што излегоа да гласаат позитивно одговорија на прашањето „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“. Волјата на народот за самостојна држава формално беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.

Сања Трајковска Ставров