На наредните владини седници ќе се финализира новиот македонски состав на мешовитата комисија со Бугарија

На наредните владини седници ќе се финализира новиот македонски состав на мешовитата комисија со Бугарија

Се крои новиот македонски состав на мешовитата историска комисија со Бугарија. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека наскоро ќе се сретне со министерот Тимчо Муцунски да ги прецизираат деталите, а веќе на некоја од наредните седници да се отвори прашањето за промените во мешовитата комисија.

Очекувам да се сретнам со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој деновиве е на службен пат. Кога ќе се врати ќе седнеме и ќе ги прецизираме деталите, а на некоја од наредните седници да се отвори ова прашање и да се направат измени во историската комисија со Бугарија, рече Мицкоски.

Ставот на Мицкоски е дека актуелниот состав не ги исполни очекувањата бидејќи не ги штитеше националните интереси е познат и претходно.

Лично ако мене ме прашувате, мислам дека актуелната мешовита комисија апсолутно не ги оправда очекувањата и не беше заштитник на националните интереси на македонскиот народ. Инаку, да – логично е кога имате нова влада да има и промени во одредени институции, не гледам тука зошто би имало политика. Нормално е дека нова влада, нови луѓе коишто управуваат со новата влада, да има и кадровски промени. Не гледам тука што е страшно, изјави Мицкоски на 25 август.

Дека се потребни коренити промени во комисијата постојано предупредуваат експертите. Таму никако не смее да има политичко влијание – потребни се научници кои ќе бидат предложени од националните институти, врвни историчари, македонисти, антрополози, археолози, академици од МАНУ кои ќе го штитат македонскиот национален идентитет.

Во однос на мешовитата комисија, тоа е сосем исправен пристап, таа комисија до сега беше интегрирана со политиката, што не смее да биде така, и мора да се тргне политиката. Тие членови треба да бидат предложени од нашите национални институти, за историја, за македонски јазик, врвни антрополози, академици, археолози, од МАНУ, археолози, еден таков состав кој врз база на историски аргументи, докази, научни факти, настани, случувања ќе може да придонесе да се изгради еден научен поглед во однос на разговорите со Бугарија, и да нема интерференција на политиката во работењето на таа мешовита историска комисија. Оваа комисија не треба да биде дел од еден политички процес, и дел од тие разговори да се водат под палката на УНЕСКО, каде ќе се зборува за културата, историјата итн. Бидејќи тие се осетливи прашања. Што се однесува за иднината, политиката треба да предничи во делот на развојот на економијата, туризмот, развојот и така да одиме напред, рече поранешниот амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев.

Експертската комисија иако требаше да придонесе за објективно и научно толкување на историските настани и личности, нејзината работа уште од самиот почеток беше контроверзна, а фокусот се измести – од историските факти, кон политичките желби. Затоа, итно е потребна промена и во принципот на работа.

Ние им забележуваме во принципиелниот однос. Не можете вие да бидете научник, а да делувате политички. И да дојдат други, тоа е само кадровско решение. Во науката нема компромиси и договарање. Има конференции, докажување и несогласувања. Најчесто ни посочуваат заради членот 8 и став 2. Таму се споменува, дека таа комисија ќе работи врз принципите на науката. Па тоа ние го правиме 80 години. И друго, треба да се почитуваат македонските институции. Да се префрли во институциите. Целата седумгодишна борба, барем на историчарите како еснаф, да се базираме на принципи и наука, а не врз политика. На ниво на институции. Секое кадровско решение ќе ни биде повод за реакција. Не дозволуваме во научната работа да се поставуваат политички ултиматуми. Во Германија и Полска е сведено на научни институти, и взаемно научниците разговараат и се ослободени од политички притисок, вели универзитетската професорка по историја, Наташа Котлар.

На состаноците изминативе неколку години, историчарите договорија дека Цар Самоил, светите браќа Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум, повеќе не се само македонски историски личности, туку и бугарски, регионални и европски. Посебно проблематичен беше договорот за Цар Самоил, бидејќи таму се наведува дека историската наука го смета за цар во Бугарско царство.

За Гоце Делчев пак, немаше никаков напредок, освен политичката одлука на претходната влада, за заедничко чествување со Бугарија.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста