На Меѓународниот ден за борба против насилство врз жените- 25 ноември, потпишан Меморандум за соработка
Во знак на Меѓународниот ден за борба против насилство врз жените- 25 ноември, денеска во Министерството за социјална политика, демографија и млади беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството и Националниот Совет за Родова Рамноправност, претставувано од министерот Фатмир Лимани и претседателката на Советот, Савка Тодоровска.
Со потпишувањето на Меморандумот двете страни уште еднаш ја потврдија подготвеноста за соработка во областа на родовата еднаквост и недискриминацијата, унапредување на состојбите во државата во оваа област, преку преземање на активности на двете страни потписнички.
-Целта на активностите кои во периодот пред нас ќе ги преземеме се во насока на промоција и унапредување на родовата еднаквост и недискриминација и подобрување на услугите и пристапот до сервисите на ранливите групи, посебно на жените жртви на семејно и родово базирано насилство, истакна Лимани.
Тој истакна дека, Меморандумот ја потенцира важноста на создавање политики и стратегии кои ќе придонесат во намалувањето сите форми на дискриминација, било да се работи за економска, социјална, или културна нееднаквост на жените и мажите.
-Меморандумот поттикнува реализација на долгорочни промени во општествените системи, со цел да се постигне инклузивен раст и развој кој ќе ги вклучи сите луѓе. Истовремено, потпишувањето на Меморандумот ја зголемува одговорноста на министерството но и на вашето здружение за унапредување на положбата на жените. Наша обврска е редовно следење и оценување на напредокот во овие области, порача Лимани.
Страните се согласија дека со потпишувањето на овој значаен документ се создава силна основа за изградба на правично и инклузивно општество каде што сите индивидуи ќе имаат еднакви можности и ќе бидат третирани со почит и достоинство.