На Македонија и избега, Бугарија го фати: Игор Спасов бил приведен по пријава за семејно насилство
По пријава за семејно насилство, полицијата во Софија го уапси специјалецот Игор Спасов осуден за убиството на Мартин Нешковски во 2011 година.
Случајот со семејното насилство во бугарската полиција го пријавила жената со која живеел Спасов, јавуваат бугарските медиуми.
По пријавата, полицијата открила дека тој е баран од Интерпол за убиство во Македонија. Претходно, бугарското национално радио известува дека, Спасов влегол во Бугарија откако некое време живеел во Турција, а некои од македонските медиуми информираат дека Спасов има и бугарско државјанство со чија помош престојувал во Турција.
Спасов беше приведен вчера и спроведен во притвор, по што ќе треба да биде спроведен во Македонија, а македонските власти имаат рок од 40 дена да ја побараат екстрадицијата.
За смртта на Мартин Нешковски, како дел од проектот Вистината за Македонија, Заев објави монтиран аудио разговор, каде од контекст се вадат поранешниот премиер Никола Груевски и екс шефицата на МВР, Гордана Јанкулоска. Спасов избега од затворот Идризово во 2018 година, а претходно беше посетен лично од премиерот Заев. Бегството се случи откако затворската казна му беше прекината заради здравствени причини. Но никогаш повеќе не му се најде трага. Се бараше на територија на државата, но откако истражните органи не го пронајдоа и немаа никаква дојава за него, на крајот на октомври 2019 година МВР распиша меѓународна потерница по него.
Премиерот Заев најавуваше дека истрагата која ќе биде спроведена ќе покаже дали бил направен пропуст во прекинувањето на казната на Спасов по што тој повеќе не се врати во Идризово.
- Очекувам истрагата да покаже каде е човекот, прочитав од медиумите дека во петокот, прв пат се информмирав за оваа работа, секако институциите постапуваат согласно законот и во делот на правото и на било кој затвореник или човек кој што ја извршува својата казна, правото на викенд, правото на одмор, која што е дозволена согласно законите, и е постапено согласно сите процедури, очекувам МВР, да утврди каде е господинот за кој велат дека не се вратил на време во затворот, кои се причинит, тука ли е, надвор од државата ли е.. рече ЗОРАН ЗАЕВ- ПРЕМИЕР (29-ти ОКТОМВРИ 2019).
Јавното обвинителство во Штип во 2019 отвори и истрага за да утврди кој сè е вмешан во бегството на Игор Спасов, но и како успеал да ја напушти државата. Детали до овој момент нема.
Убиството на Мартин Нешковски се случи вечерта по прославата на ВМРО-ДПМНЕ по победата на парламентарните избори во 2011 година.
Викторија Миткова