На кого му одговара колапс на Државниот завод за ревизија?

Безброј финансиски скандали ги тресат јавните институции, арно ама нема кој да ги провери. Државниот завод за ревизија, речиси две години нема ниту главен ревизор, а од 5-ти октомври ниту заменик. Институцијата која треба да проверува за што, каде и како се трошат парите на граѓаните е пред колапс. Вработените од октомври не земале плата, долговите им стигнале до 1.200.000 денари, а најверојатно ќе останат и без струја и вода. 90-тина вработени денеска побараа итно да се избере главен државен ревизор.

Ако нема државен ревизор виси и прашањето за одржување на предвремените избори . Без шеф на оваа институција нема да може да се врши ревизија на изборните кампањи. Претставници од државниот завод за ревизија вчера се сретнале со претставници на собранието и ресорната комисија. Им било кажано дека се чека политички договор меѓу партиите, а седницата за избор на директор ќе биде закажана кога ќе има мнозинство. Дали и ревизијата станува причина плус власта да најде оправдување за да нема избори, ако се знае како стојат со рејтинзи на терен?

Премерот Заев пред неколку дена уверуваше дека главен ревизор ќе се избере најдоцна до формирањето на новата техничка Влада. Државниот завод за ревизија има обврска да ја чешла работата на државните институции, како и за што трошат државни пари. Останува нејасно на кого му одговара колапс на државна ревизија?

Елена Марковска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста