На Филипче му текна – на осмиот ден од кампањата дели препораки за партиските собири

Политичарот Венко Филипче не ги почитува ковид протоколите, ама министерот Филипче бара од политичарите да носат маски и да држат дистанца. Ниту политичарите, ниту граѓаните на митинзите не ги почитуваат мерките кои се донесени од истата Власт која организира вакви масовни собири, а во објектите каде се презентираат изборните програми, вработените не бараат вакцинални сертификати.  Епидемиолозите секојдневно предупредуваат дека митинзите можат дополнително да ја разгорат пандемијата. Осми ден од изборната кампања, Филипче се сети да и даде препораки на јавноста, како да се однесува кога во исто време има пандемија но и се ближат избори.

„На митинзите добро е граѓаните да носат маски. Без разлика на тоа што нема официјална препорака. Јас ќе препорачам до сите партии, иако нема протоколи на отворен простор. Мора да го сочуваме здравјето на граѓаните“ –  рече Филипче.

Јавноста алармира за двојни стандарди на Власта – која самата повикува на почитување на ковид протоколите, но веројатно не е добар пример за граѓаните. На митинзите, политичарите се прегрнуваат и стојат блиску еден до друг. Ниту тие што се обраќаат ниту партиските активисти кои стојат позади нив не носат маски, но и во публиката ретко може да се види некој кој носи маска. И покрај тоа што на сите видеа и слики јасно се гледа дека кандидатите и лидерите не носат маски, Премиерот Заев се правда и тврди дека граѓаните кои доаѓале самоиницијативно биле тие кои не држеле дистанца.

До сега многу епидемиолози реагираа дека за време на кампањата, многу малку се внимава на протоколите кои треба да помогнат побрзо да ја победиме пандемијата. Апелираат до организаторите да бидат максимално одговорни и онлајн да ги презентираат програмите наместо на масовни собири.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста