На факултет во Скопје со зимска облека како за на планина

На факултет во Скопје со зимска облека како за на планина. Студенти на Педагошки, Факултетот за ликовна уметност и Институтот за безбедност, околу две недели, со дебели јакни, бунди, шалови и ракавици следат предавања. Ама само оние најупорните неколкумина, што одлучиле да не се придржуваат до студентскиот бојкот. Одлуката да се бојкотира наставата студентите ја донеле поради тоа што трите факултети што се наоѓаат во иста здрада немаат затоплување од стартот на грејната сезона.

-Од почетокот на грејната сезона немаме парно, па не одиме на факултет. Ние студентите ја бојкотираме наставата, ама и самите професори секако не можат да држат настава во вакви услови. Претходно присуствувавме на предавањата, сите облечени со јакни, со шалови и ракавици на себе, бидејќи е многу студено. Поради ова, решивме да објавиме бојкот, вели студентка на Педагошкиот факултет, што сакаше да остане анонимна.

Дел од професорите нод дома си земаат греалки за да одржат предавања, велат студентите.

-Точно е ова, дека професори си носат греалки слушнавме за кабинетот по информатика, вели студентка на Педагошкиот факултет.

Алфа го контактираше деканот на Педагошкиот факултет Емил Сулејмани кој вели оти откажала топлинската пумпа, поради што наставата и вежбите се одвивале во ладни простории, без соодветно греење.

-Кон крајот на октомври откажа една од главните пумпи што ја дистрибуира водата до радијаторите, на Педагошкиот факултет и на целата зграда, вклучувајќи го и факултетот за Ликовна уметност. Секако, просториите без греење се студени, вели за Алфа деканот на Педагошки факултет „Св. Климент Охридски“.

Сулејмани појаснува оти не можеле предвреме да знаат дека ќе откаже пумпата за да набават нова. А се додека не се финишира отворената тендерска постапка греење ќе има, уверува деканот, бидејќи БЕК им позајмила привремена пумпа која ќе овозможи греење на амфитеатрите.

Сања Трајковска Ставров

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста