МВР со казна од 20 евра му го честиташе роденденот на Ахмети

Ахмети со задоцнување доби роденденска честитка од МВР. Полицијата на лидерот на ДУИ му го честиташе 62 роденден со 20 евра. Ама во вид на казна за неносење маска во затворена просторија. Исти казни добија и останатите челници на ДУИ, гости на прославата која во понеделникот се одржа во министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

“Министерство за внатрешни работи – Сите 15 присутни во просторијата кои не носат маски добија казни од 20 евра. Казните им се веќе доставени”, велат од МВР.

Првиот вицепремиер Артан Груби, министерот за надворешни работи Бујар Османи, за финансии Фатмир Бесими, за екологија Насер Нуредини, како и претседателот на Собранието Талат Џафери се меѓу оние кои ќе треба да платат казна.

Сепак функционерите на ДУИ веројатно нема да останат само со овие казни. По се изгледа ќе бидат казнети и за непочитување на забраната за групирање. Но тоа како што велат од МВР не е во нивна надлежност туку во надлежност на инспекцискиот совет кој веќе постапува.

Фотографиите од прославата на роденденот на Ахмети брзо се проширија на социјалните мрежи. И тоа на денот на свеченото отворање на новата зграда на министерствиоо за политички систем. Ги сподели Бујар Османи. По бурните реакции во јавноста исчезнаа од социјалните мрежи.

Интегративците се со став дека маските ги симнале само за фотографирање и дека ги почитувале протоколите, но прифатија дека ги прекршиле протоколите, но потоа ја признаа вината и прифатија одговорност.    

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста