МВР не открива детали: Каде се оние кои добиле пасоши со лажен идентитет?!

Каде се Седат Пекер, Јован Вукотиќ, Валид Иса Хмаис, Флоријан Мусаи и Стефан Ѓукиќ и колку пати ја користеле македонската патна исправа? Нашата полиција не открива дали знае каде се овие луѓе со големо криминално досие, кои добиле македонски пасош со туѓ идентитет. МВР не открива никакви детали дали се преземени некакви дејствија, против оние најмалку 215 лица, кои добиле наш пасош со туѓо име од други македонски граѓани. Алфа праша и дали нивните патни исправи се поништени, како и дали по нив е објавена потерница. Единствен одговор кој го добивме е дека МВР работело со помош на меѓународните институции.

-Поддршка за истрагата беше дадена и од страна на Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при амбасадата на САД во Скопје, како и Генералниот секратаријат на ИНТЕРПОЛ Лион, а се разбира преку Интерпол беа координирани сите потребни мерки и активности поврзани со полициите на други земји, велат од МВР за Алфа.

Дека соработувале со МВР потврдуваат и од американската амбасада. Но, сепак нивниот став е дека не секаат да ги коментираат истрагите кои се во тек, како што е оваа за пасошите со украден идентитет.

-Не коментираме истраги што се во тек. Амбасадата на САД има тесна соработка со МВР, како и со другите владини министерства и институции во Северна Македонија, за да се постигнат заедничките цели за спроведување на законот и владеење на правото, вклучувајќи регионална соработка за спроведување на законот и борбата против тероризмот, велат од Амбасадата на САД во Македонија.

Без некои поголеми детали за истрагата мина и прес конференцијата на министерот Оливер Спасовски и тој тогаш само откри дека ќе продолжела истрагата со помош на меѓународните партнери.

-Ова е една комплексна акција и која што ќе продолжи и понатаму се со цел да се расчистат сите овие случаи кои што се поврзани со издавањето на ваквите патни исправи, изјави Спасовски.

Додека јавноста бара одговори на многу прашања, од МВР велат споделени биле сите информации кои можеле да се споделат, а нема да и наштетат на истрагата.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста