МВР молчи за масовното прекршување на мерките на погребот на Амди Бајрам пред очите на полицијата

И покрај тоа што целата македонска јавноста беше сведок како масовно се прекршуваат здравствените мерки пред очите на полицијата, во МВР се уште владее молк зошто никој не реагираше и кој ќе понесе одговорност за ваквиот скандал. Јавноста е револтирана што на погребот на Амди Бајрам, кој пост-мортем беше дијагностициран со Ковид-19, беше дозволено да присуствуваат повеќе од 300 луѓе, без да се почитува ниту една мерка, а полицијата наместо да казнува, беше нем набљудувач и само го регулираше  сообраќајот. Но прашањето не е само прекршувањето на мерките, туку и фактот што до денеска здравствените власти не можат да направат издржана епидемиолошка анкета за да спречат потенцијален масовен корона кластер, затоа што голем дел од луѓето не сакале да соработуваат. Велат, тешко било да се најдат контактите, оти ги имало во голем број.

Сопругата на Амди Бајрам ни даде извесни контакти, а неговиот син изјави дека немал контакт со Амди Бајрам. Возачот и останатите кои биле во контакт непосредно пред неговата смрт не сакаа да соработуваат – вели др. Сашо Стојанов од Центар за јавно здравје.

Поранешниот пратеник кој посмртно беше дијагностициран со корона вирус влезе во вчерашната Ковид статистика. Поради строгите протоколи и позитивниот тест, погребот на Амди Бајрам требаше да се изврши само во присуство на најтесното семејство, правило кое важи за сите други граѓани. За да не се загрози јавното здравје, полицијата требаше да врши будна контрола и веднаш да реагира. Здравствените власти, наместо да бараат одговорност,   повторно само го осудија настанот.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста