Муслиманските верници се клањаа во џамиите, прва џума по нивното отворање

Река од муслимански верници и без некој посебен протокол за време на првата џума по отворањето на џамиите. Ова е сликата од Мустафапашината џамија во Скопје, каде секој од верниците си донесе свое ќилимче на кое се клањаше. На пладневната молитва присуствуваа голем број верници, со маски на лицата. На оние кои ги заборавиле, им се делеа нови.

Молитвата се спроведуваше во дворот на џамијата, каде растојанието и не се почитуваше целосно. Обредот траеше околу 30-ина минути.

Муслиманските верници велат дека ги почитуваат мерките на заштита, иако на терен сликата беше малку поинаква.

– Добро беше, фала му на Бога, дојдовме да се клањаме, да се помолиме. Мерките ги почитуваме кој колку може, генерално да, дојдовме со маски, секако како што е редот, велат дел од муслиманските верници после одржаната џума.

Дел од верниците не беа расположени за коментар.

Од скопското муфтиство велат дека ги почитуваат сите препораки, и сметаат дека со божја волја ќе ја пребродат пандемијата.

– Фаламу на Бога се клањавме колективно со сите мерки на оваа петочна молитва, и тоа беше со маски, без да се гушнеме и слично, и пораката е ако некој погреши, тоа не значи дека и тие треба да го следат тој пример, рече Абдуселам Зекири, имам во Алипашината џамија во Скопје.

Одлуката џамиите да бидат достапни за верниците ИВЗ ја донесе на вонреден состанок, ден по одржувањето на ѓурѓовденската литија во Струга. И покрај апелите на надлежните да се преиспита одлуката поради пандемијата, ИВЗ остана на ставот, дека ќе ги почитуваат сите мерки за заштита.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста