Муратовска: Транспортерите чекаат до четири часа на границата од српска страна

Нешто повеќе од три до четири часа транспортерите чекаат на српската страна и покрај воведувањето на заедничко гранично управување. Камионџиите лути на државата зашто и покрај апелите дека ќе се намалат колоните, и натаму чекаат со часови натоварени со стока.

Од Асоцијацијата на камионски транспортери „Макамтранс“ велат дека од српска страна бил надминат судскиот проблем во однос на користењето на терминалот, а за забрзување на протокот се очекува да најдат заеднички јазик и двете царини.

– Ќе треба малку да почекаме затоа што веќе две години заради тој проблем откако беше најавена новината остана нерешeн и со воведувањето веќе и српската страна има притисок за да ги надмине проблемите, рече Билана Муратовска од „Макамтранс“.

Транспортерите добиле информација оти по надминување на проблемот, Србија ќе почне забрзано да ги подготвува сите работи за да се воспостави и втора лента и да се користи и паркинг просторот за проток на свежа стока.

– Транспортерите сега се малку нервозни, но сметам дека ова е единствениот начин да се забрзаат работите и да се одобрат условите, рече Муратовска.

На последната конференција беше презентирана и електронска апликација каде превозниците можат анонимно да пријават случаи на корупција на граничните премини, како и движења на мигранти кои тајно се шверцувале во камионите.

Инаку преку граничниот премин Табановце лани поминале околу 200.000 камиони, што е една четвртина од вкупниот промет на товарни возила. Очекувањата говорат дека бројката годинава треба да порасне за 30% и да достигне 260.000 возила, кои би заштедиле околу осум милиони евра годишно.

Борис Грујоски