Мултиполарна глобална политичка економија
Речиси истовремено додека во Биргеншток, Швајцарија претставници на повеќе од 92 држави се
собраа на Самит за мир и поддршка на Украина, во Нижни Новгород во Русија се собраа
министрите за надворешни работи на 22 земји од групата БРИКС да ги договорат работите
околу претстојниот Самит во Октомври.
Ваквиот развој на работите за нас генерациите родени и растени во блоковска поделеност во
светот ни прави асоциjација на времињата кога покрај Aтлантскиот пакт, постоеше Варшавскиот
пакт и оној на земјите од блокот на Неврзаните. Односно, исто како и тогаш се потенцира
различност поддржана преку трка за вооружување, прокси војни и револуции.
Се чинеше дека поделбите во светот се завршена работа, дека глобализацијата е во завршна
фаза, дека еден од позначајните нејзини чекори беше падот на комунистичкиот блок во светот,
ширење на граѓански права и обединување. Но, се чини, колку и да се верува во
глобализацијата не може да се негира сликата за фрагментирање на светската политичка и
економска реалност во првата четвртина од 21 век.
Светот памети фази на обединувања околу одредена заедничка тематика со подоцнежни
разделувања. Таков процес на пример била појавата на индустријата, времето кога машинското
производство импресионира со изобилство на продукти со еднаков стандард. Неговото ширење
во светот ќе придонесе за заеднички јазик на сите прогресивни сили, но многу брзо народите ќе
разберат дека во овој процес некои се отидени подалеку и дека послабите може да станат
суровинска база на другите па, мора да се преземат мерки. Економски мерки како даноци,
субвенции и директна забрана за увоз или извоз. На крај, ова ќе придонесе за политички мерки
како поделби на Антанта и Централни сили во војните и, поделбите на комунисти и
капиталисти по војните.
Почетокот на 21 век зборува дека времето освен праволиниско има и циклично движење.
Таман кога мислевме дека глобализацијата нема да ја сопре ништо, кога Кина и Русија станаа дел
од Светската Трговска Организација, кога сме убедени дека западот го понуди своето како
најдобро, кога се формираше групата G20, за само две децении, Русија во 2014 година го
анектираше Крим. Непосредно потоа направи силен потфат во развојот на домашното
одгледување на храна. Кина веќе следната година објави нов план со кој до 2025 година треба
да направи сериозен напредок на специфични производи и услуги. Реагираше најпрвин
Претседателот на САД Трамп со мерки, потоа Претседателот Бајден со субвенции за
производители кои заминале на источниот пазар (во делот на еколошки и енергетски проекти).
Европа во овој процес реагираше во 2022 и во 2023 година со заштита на своите интереси.
Едноставно темата е различна, но поделбата во светот повторно дојде до израз, некои
повторно се напред, некои во нешто заостануват. Сите се согласуват дека глобализацијата е во
сериозна криза, дека мултиполарноста е непарна и нееднаква дистрибуција на моќта во светот.
Прашањата се: како и што треба да се прави во времето ако ова поделеност земе сериозен
замав. Ако Европа, Сад и Кина се најсилните економии, тогаш што би се случувало доколку
дојде до напрегање помеѓу Кина и Тајван и доколку изолирана огромна Руска економија се
ориентира целосно кон Кина. А се повеќе политички активности ги движат работите во тој
правец. Неодамна претставници на Тајван изразија загриженост дека Кина работи за да не
постојат како посебен државен субјект. Кина зборува за територијата на Тајван како за сопствена
и ги обвинува САД дека има намера да ги втурне во конфликт наместо да овозможи меѓусбен
договор.
Потребно е посериозно истражување во поглед на новите економски текови во светот и
познавање додека во актуелната фрагментација светската економијата го покажува својот
отпор преку намалување на движењето на капиталот, намалување на движењето на луѓето,
(туристи, инвеститори, научници). Пораст на миграциите и пораст на инфлацијата се главна тема
на сите расправи; дојде до регионализација на плаќањето односно сложени шеми на
зголемувања на цените. Дестинации како Дубаи и Истанбул станаа центар на светските
инвестиции. Голем дел од Руските олигарси ги загубија своите поседувања во Европа и светот, а
Русија загуби одредени пазари.
Се разбира ние генерациите на пионери кои учевме за предностите на Блокот на неврзаните
можеме да се присетиме на важноста на посредувањето во поделен свет. Тоа на економски
план значи прилагодување на бизнисите кон новите потреби на оваа поделба, барање на
подобра поддршка од стратешките партнери, понуда на алтернативни ресурси (нови извори на
енергија) понуда на подобри услови за работници, инвеститори и пронаоѓачи и упорно
инвестирање во домашен бренд. Во Истанбул можете да сретнете купувачи од Русија чиј
пристап на Медитеранот сега е послаб. Тие сепак се интересират за стоки со европски бренд.
Таму, изразено се присутни богатите трговци од земјите од Африка. Пред најавениот Самит на
БРИКС се проширија информации за десетици нови членки меѓу кои се спомнува и Турција.
Сличен пример може да биде случајот во кој Кина извезува во Мексико и Виетнам, а пак од
таму производи увезува САД.
Голем е предизвикот пред новата Влада во врска со домашната девастирана економија. Ние
немаме можност да ги сопреме овие светски поделби, ниту амбиции да придонесеме кон нив,
но имаме сериозна задача да се справиме со новата состојба. Потребно е да се развива
умешност на стратешка автономија и капацитет за опстојување меѓу различни и моќни системи.
Петар Трајков