Муцунски за шпанската агенција ЕФЕ: Интеграцијата во ЕУ е главниот надворешно-политички приоритет и клучен национален интерес
Во интервју за шпанската новинска агенција ЕФЕ, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, зборуваше за прашања поврзани со евроинтегративниот процес, осудувајќи ја „неправедната билатерализација“ и двојните стандарди кои станаа дел од процесот на пристапување во Европската Унија.
Муцунски потсети дека нашата земја има направено „повеќе од која било друга“ за пристапување кон Унијата, а блокадите од нашите соседи ги поврза со интересите на „трети страни“ кои „не сакаат европска иднина за Западен Балкан“.
Тој додаде дека главниот надворешно-политички приоритет на новата македонска влада е целосната интеграција во Европската Унија, оценувајќи го процесот како клучен за остварување на националните интереси. Во однос на блокадата од Бугарија, Муцунски нагласи дека Владата останува на ставот за одложена примена на уставните измени.
„Ние сме земја која доби кандидатски статус во 2005 година и имаме многу позитивни препораки од Европската комисија за отворање на преговорите, но за жал сè уште не сме таму. Ова е нешто што го заслужуваме и се надеваме дека ќе го постигнеме што е можно поскоро“, истакна Муцунски.
Тој додаде дека како држава направивме многу отстапки за исполнување на европските барања, а новата влада е подготвена да ги исполни и останатите услови за приближување кон стандардите на ЕУ.
„Тоа се критериумите по кои сакаме да бидеме оценети. Не е фер да се оценува нашата земја врз основа на субјективни билатерални стандарди кои немаат врска со ЕУ. Кога ќе има историска книга за одлучувањето и проширувањето на ЕУ, ние ќе бидеме поглавје за неправедната билатерализација“, заклучи Муцунски.
Интервјуто беше направено за време на посетата на Муцунски во Мадрид, по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Шпанија. Тој и неговиот шпански колега ги оценија односите како пријателски, со акцент на силната поддршка од Шпанија за побрза интеграција на земјата во ЕУ.