Муцунски на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог“ во Рим
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денес, на покана на својот италијански колега Антонио Тајани, е во работна посета на Рим, Италија, каде учествуваше на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог“ и се обрати на панелот насловен „Нова Европска комисија, стари европски приоритети“.
„Медитерански дијалог“ е годишна конференција на високо ниво за медитеранска геополитика, организирана од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка и ISPI (Италијански институт за меѓународни политички студии). Нејзината цел е да се преиспитаат традиционалните пристапи кон медитеранската област и да се адресираат заедничките предизвици на регионално и меѓународно ниво.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја потенцираше посветеноста на Владата за исполнување на реформската агенда и финализирање на европското досие. Тој нагласи дека е потребно поблиско вмрежување и интеграција на нашата држава во европските структури што го покриваат медитеранскиот басен, како и зголемена интеракција со земјите од Европската Унија. Муцунски, меѓу другото, истакна дека Република Македонија, преку својата традиција на меѓуетнички дијалог, кохезија и мирно решавање на билатерални спорови, придонесува за стабилноста на Југоисточна Европа, промовирајќи европски вредности, добрососедски односи и регионална соработка.
Тој исто така нагласи дека геополитичките реалности, како војната во Украина и ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, ја нагласуваат потребата од колективни решенија кои ги надминуваат индивидуални напори на поединечни држави. Муцунски ја истакна важноста на поврзаноста на Македонија со Европа и поширокиот Медитеран, особено преку Коридорите VIII и X, дел од новиот Европски транспортен коридор за поврзување на Југоисточна и Централна Европа. Дополнително, тој го посочи потенцијалот за обновливи извори на енергија, кој ја позиционира нашата држава како лидер во зелена транзиција во регионот.