Муцунски како министер за надворешни работи ветува забрзување на патот кон членство во ЕУ, но со заштитени национални интереси

Муцунски како министер за надворешни работи ветува забрзување на патот кон членство во ЕУ, но со заштитени национални интереси

Забрзување на патот кон Европската унија, но не по цена да бидат загрозени националните интереси. Промоција на македонските производи и компании и привлекување на директни странски инвестиции како и заштита на интересот на македонската заедница надвор од границите на Македонија. Ова ќе бидат главните задачи и предизвици со кои ќе се соочи новиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски. Најави целосна реорганизација и евалуација во сите сектори. Ќе вложи во квалитетен кадар кој ќе работи за Македонија во иднина да има одлична и развиена соработка со сите нејзини стратешки партнери во процесот на Евроинтеграција. Муцунски рече дека Македонија во последните години водела погрешна и попустлива надворешна политика и дека потклекнала на барањата на трети страни, а тие најчесто не биле усогласени со државните интереси.

Ние во последните години имавме попустлива надворешна политика. Надворешна политика која што постојано попушташе на барањата на некои трети страни, а тие барања најчесто не беа усогласени со тоа што се наши национални интереси од повеќе гледни точки. Од историска гледна точка, од културолошка гледна точка и од идентитетска гледна точка. Да ние треба да направиме се што е возможно да се убрза патот кон полноправно членство во Европската унија, но секако тоа да не оди спротиставено на со тоа што се идентитетски интереси на сите граѓани кои што живеат во Македонија, независно од нивната етничност. Во таа насока во делот на надворешната политика ние мораме да држиме конзистентна линија на одлична и развиена соработка со сите наши стратешки партнери, да го поспешуваме процесот на интеграција на Македонија како полноправна членка на Европската унија“, рече Муцунски.

Муцунски ќе ја чешла и работата на досегашниот министер Бујар Османи. Вели дека во последните денови од неговото работење, забележл несоодветни вработувања и некоректен однос во делот на кадровската политика, но најави и проверка на на начинот на трошење на буџетските пари досега.

Прв приоритет ќе ни биде да направиме една реорганизација. Реорганизацијата е клучна заради овие нови надлежности кои што ги добива Министерството. Тоа ќе значи нов акт за систематизација кој што брзо ќе треба да биде подготвен, а и поврзан со надворешната трговија и со инвестициите. Истовремено ќе направиме евалуација со каков капацитет располага Министерството. Дали има капацитети и кадровски потенцијали кои што погрешно се користат. Дали ресурсите на Министерството погрешно се користеле за жал во последните неколку недели видов едно, ќе се обидам коректно да се изразам, некоректен однос од страна на се уште актуелниот министер за надворешни работи кој што при најавен нов министер за надворешни работи, при очигледно ново парламентарно мнозинство, носеше одлуки во делот на кадровската политика. Дали е тоа законито, ќе евалуираме во следниот период“, рече Муцунски.

Тимчо Муцунски доаѓа од позицијата градоначалник на Аеродром, а ќе раководи со ресор кој што има за цел да ги заштити националните интереси на Македонија, но истовремено и ресор согласно измените и дополнувањата на законот за организација и работа на органите на државната управа ќе има и јасни надлежности во делот на надворешната трговија и привлекувањето на странски директни инвестиции. Покрај пратеник во Собранието, важи и за меѓународно активен политичар. Народен избраник е од 2020 година, член е во комисијата за европски прашања и надворешна политика, а од 2015 до 2017 беше и заменик министер за информатичко општество и администрација.

Љубиша Владимиров

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )