МПЦ побара одложување на пописот

И МПЦ бара одложување на пописот кој треба да стартува, првично со попишување на иселениците, дипломатите, затворениците и бездомниците. Синодот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија реагира дека попишувањето не смее да се врши во време кога епидемиолошката состобја во државава не е стабилна.

Поради влошување на епидемиолошката состојба со ковид кризата кај нас, Синодот изразува загриженост и препорачува времено, по примерот на другите европски земји, кои од истите причини веќе ги одложија закажаните пописи и нашата земја да го следи нивниот пример, почитувајќи ги здравствените протоколи – информираат од МПЦ.

Во меѓувреме опозициската ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека пописот нема да донесе ништо корисно, туку само ќе ја зголеми недовербата на народот кон Власта.

Овие потпишани граѓани се респектабилен број и власта треба да има слух и да знае дека туркањето на пописот нема да донесе ништо корисно, само ќе ја зголеми недовербата, кога се турка кога власта не е во можност самите попишувачи да ги вакцинира против корона вирус – изјави Антонијо Милошоски.

Додека Министерството за надворешни работи планира да спроведе медиумска кампања за мотивирање на иселениците да се самопопишат, Националниот блок „Не отворам врата“ ја повика дијаспората да го блокира пописот поради сомнеж дека истиот ќе биде фалсификуван, оти имало договор помеѓу премиерот Заев и првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. 

Електронското попишување започнува на први март, а пописот на резидентното население на 1 април.

Адријана Алексиеска

Поврзани вести