Можен голем раскол во СДСМ- се дистанцираат ли Пендаровски и скопското крило на партијата од Заев?!

Дали првиот човек на државата Стево Пендаровски, се дистанцира од премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев? Ова прашање се отвора последниов период, откако тој го промени својот став за настаните од 27 април, велејќи дека граѓаните кои влегле во Собранието не сториле тероризам. Ваквиот став на Пендаровски, е во спротивност со ставот на партијата која му помогна да стане претседател на Македонија. А доведе и до можно одмрзнување на односите со опозицијата, чиј лидер Христијан Мицкоски побара, а Пендаровски веднаш прифати средба. Околу осудените за собраниските настани шефот на државата говореше во гостување во „Само интервју“ на Канал 5.

-Јас тврдам дека тие луѓе не беа терористи, што влегоа. Стануваше збор за она што едно време го правеше Југославија, го нарекувавме и години потоа го нарекувавме насилно рушење на уставниот поредок, значи не тероризам. Тие што физички напаѓаа луѓе си ги заслужуваат казните кои ги добија, оние кои што влегле во зградата на Собранието не можеш да кажеш дека се терористи, изјави Пендаровски.

Дека постои раскол во СДСМ веќе е и повеќе од јасно, а еден од оние кои според шпекулациите не е омилен кај Заев, е градоначалникот на Куманово, кој има највисок рејтинг од сите градски шефови, Максим Димитриевски. Тој најави дека на локалните избори ќе оди по нов мандат, но останува нејасно дали ќе има поддршка од својата партија. Во разговор за Алфа тој не сакаше да одговори прецизно на прашањето, дали би одел како независен доколку СДСМ не го поддржи, велејќи дека очекува партијата да го донесе најдоброто решение и да биде зад него во октомври.

-Во мојот случај бидејќи веќе најавив дека имам амбиции да се натпреварувам за нов градоначалнички мандат, повеќе од сигурен сум дека ќе ја добијам поддршката од мојата партија, затоа што пред три и пол години излеговме на избори со една програма која што во најголем дел е веќе реализирана, а содржи проекти на реализација период 2, 4, 8 години. И планирам заедно со мојот и со поддршка на мојата партија да ги доареализирам во целост сите проекти, вели Максим Димитриевски за Алфа.

Голем проблем за лидерот на СДСМ може да предизвика доколку против него се сврти скопското крило на партијата, од каде веќе нема луѓе на највисоките партиски позиции, откако Радмила Шекеринска најави дека се повлекува. Алфа неофицијално дознава дека по скопските кафулиња, не во партиските штабови, видни локални партиски ликови, почнале да разговараат за формирање независни советнички листи за локалните избори, по примерот на оние од Охрид. Она што ја потврдува можноста за вакво нешто е и најавата дека Бранко Црвенковски планира да формира нова партија, а пред неколку месеци градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, кажа дека треба да се слушне неговиот став за важните прашања.

-Многу е битно да знаеме што е цената што треба ние како општество да ја платиме. Сепак верувам дека се искрени намерите и како сугестии и како критики, добронамерни предлози, се со цел да се постигне едно единство, зборам како држава, не како партија за да имаме ај да кажам еден исчекор во оној еден процес, во кој што за жал сме биле долго време заглавени, изјави Богдановиќ пред неколку месеци.

Покрај Шекеринска од врвот на партијата од скопското крило претходно се повлече и Дамјан Манчевски, кој важеше за близок до нејзе. А во партијата веќе подолго време ги нема и други познати ликови од Скопје, како Андреј Петров, Гордан Георгиев, Зоран Јовановски, Игор Ивановски и многу други.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста