МОН одлучува во кои училишта наставата ќе се одвива во една смена
Министерството за образование најави воведување едносменска настава за учениците,но тоа не значи дека ќе се применува во сите училишта во државава. Иако за еден месец почнува новата учебна година,во моментов се врши мапирање во кои училишта има услови наставата да се одвива во една смена.За сега се знае дека средношколците од охридската гимназија од септември на училиште ќе одат само прва смена. Во градовите од внатрешноста има многу повеќе можности за воведување едносменска настава и таму каде што има, веднаш ќе се почне,вели ресорната министерка свесна дека во главниот град има општини каде има училишта со голем број ученици и овој процес не ќе може да се имплементира така брзо.
“Голем проблем е Скопје, односно одредени општини во Скопје каде што има многу ученици,се учи во две смени,па дури имаме училишта кај што се учи во три смени,но тука ќе доградуваме и ќе градиме, така да ќе треба малку подолг период”вели Весна Јаневска,министер за образование
Бенефитот од едносменското работење е што децата ќе бидат наутро 8 часа на училиште, толку колку што се и возрасните на работа.Тоа не значи дека децата ќе учат постојано осум часа над книга,напротив – ќе ги завршат домашните,ќе имаат дополнителни наставни активности,како ликовно,музичко,физичко образование и други воннаставни активности,појаснува Јаневска.
“Тоа значи многу важно за нас дека ќе бидат ангажирани и повеќе наставници, затоа што тие што си ги исполниле 20 до 24 часа,веќе си ја заработиле платата, но ако има наставници кои немаат полн фонд на часови,ќе се вклучат во овие активности.Така да и тука нудиме едно решение за наставниците, а наставник никогаш не е вишок оти со вишок наставници ние имаме лошо образование.Сега сакаме само да го преорганизираме, да ги искористиме искуствата и знаењето на наставниците за да добиеме подобар резултат кај учениците”-вели Јаневска
Статистичките податоци покажуваат дека за десет години бројот на ученици се намалил и тоа во сите степени на образование – основно, средно, високо, a бројот на наставници и професори,расте. Бројот на наставници во основното образование лани се зголемил за 283 наставници.Според листата на активни регистри што го води МОН,во Македонија има 366 основни и 109 средни училишта.За илустрација, поради падот на наталитетот и затворањето на голем број училишта, Србија воведе едносменска настава уште пред 5 години.
Росица Голабоска