Молк за судбината на проектот за згради карши „Холидеј ИН“

Дали и што ќе се гради на паркингот спроти Холидеј ин – молк од Општина Центар. Елаборатот за суспензија на спорниот Детален урбанистички план се уште се подготвувал, а градоначалникот на Општина Центар кој беше повеќе пати прозван да најде решение, се правда дека процедурите биле долги и требало многу да се внимава. Се чини дека процесот уште стои заглавен меѓу наковалната и чеканот оти случајот мора да се реши со суспензија на планот за градба, а од друга страна, инвеститорите се закануваат со тужби ако не им се дозволи да градат.

Постапуваме по заклучокот, ги вадиме сите податоци кои ни се потребни бидејќи во заклучокот кој го донесовме на мое барање и на дел од советничката група на СДСМ беше да се води внимание за одредени процеси кои ги имаме започнато. Целата документација ја собираме и постапуваме изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Забелешки за Деталниот урбанистички план кај „Холидеј ин“ имаше од планери, урбанисти, архитекти, дури и од Антикорупциската комисија. Низата пропусти и неусогласеноста со Генералниот урбанистички план го ставија Богдановиќ во „ќор-сокак“. Но она што дополнително фрла сенка, не само на овој  случај туку и за други спорни планови, се предлог измените во Законот за урбанистичко планирање кој се менува речиси секоја година. Утре во Собрание промените ќе се гласаат по скратена постапка. Градскиот татко Шилегов вели дека тоа го барале повеќето општини. Според Богдановиќ новиот закон ќе овозможи полесно да се интервенира во Генералниот и Деталните планови, таму каде што е потребно.

Со менувањето на Законот за урбанистичко планирање се остава простор да Детален урбанистички план донесен согласо Генералниот кој престанал да важи, може да се применува во новиот ГУП. Ова предизвика негативни реакции кај стручната фела, и стравувања дека со новиот закон ќе може да се туркаат спорни планови за градба, за што градоначалникот Шилегов уверува дека немало да има злоупотреби, а сите спорни Детални планови ќе може да се суспендираат на барање на градоначалниците на дадената Општина.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста