Молк од владата за анексот на Бугарија

Владата не ја објавува содржината на анексот на Договорот за добрососедство кој го доставила Бугарија.Според бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов токму овој анекс е услов за македонската евроитеграција. За телевизијата Нова тој изјави дека Македонија има шанси да добие датум за преговори во јануари или февруари ако се согласи на дванаесетте точки наведени во него. Како што вели Каракачанов Македонија имала шанса да добие датум уште во Ноември, но не ја искористила. Истакнува дека Бугарија е „за“ проширување на ЕУ на Западен Балкан, но загрижува говорот на омразата против сè што е бугарско.

“Северна Македонија има шанси да го добие датумот за преговори следниот месец или овој месец Јануари  ако го потпишат анексот на Договорот кој ние го предлагаме. Таму има дванаесет точки. Прво откажување од територијални претензии, откажување од историски претензии, промена на образовниот систем”, вели Каракачанов.

Од македонското МНР единствено велат дека Oсмани е во комуникација со колешката Захариева и дека следната недела ќе разменат ставови за акцискиот план кој го предложи македонската страна.

Дека Бугарија со анекс ќе го условува нашиот пат кон Брисел извесен период предупредува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. Власта негираше дека Софија инсистира на анекс. Мицкоски вчера на Фејсбук го праша Заев дали ќе се извинат за лажните вести кои ги ширеле и за тоа што не ги информирале граѓаните за анексот. Според претседателот на опозициската партија неговата содржина е со исклучително лоши позиции за македонскиот идентитет.

Од друга страна како што објавуваат повеќе медиуми според професорот Тони Дескоски анексот за кој настојува Софија ќе се нарече протокол.

“Не само да се објави, туку и да се ратификува во Собранието согласно член 118 од Уставот. Инаку, Анексот всушност ќе има назив Протокол (Меѓународен договор со кој се менува или дополнува постоечки договор)”, напишал Дескоски во коментар, пренесуваат медиумите.

Инаку специјалниот владин претставник Бучковски во вторник или среда ќе има состаноци со бугарскиот државен врв. Содржината на нон пејперот кој тој му го предаде на премиерот Борисов исто така не беше презентирана пред јавноста. Потоа премиерот Заев презентираше делови од него.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста