Молк од Трајче Заев: Шестмина уапсени за дрогата вредна 800.000, меѓу нив и шоферот на првиот братучед на премиерот

Братучедот на премиерот Зоран Заев, Трајче Заев не одговара на прашањето на Алфа, дали неговиот возач Александар Ушилковски, е еден од приведените во вчерашната акција, во која беше запленета дрога вредна 800.000 евра. Токму неговото име е едно од оние кои медиумите ги објавија, како дел од фатените во оваа акција на македонската полиција и американската ДЕА. Од МВР соопштуваат дека се уапсени шест лица, меѓу кои и 45 годишниот А.У. за кого во медиумите се тврди дека е шоферот на првиот братучед на премиерот, како и 46 годишниот К.С., за кого се тврди дека е командир на полициската станица во Прилеп. Осомничени се дека го сториле кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. Вкупната количина на фатена дрога е 200 килограми марихуана.

-Во близина на село Раец, биле запрени патничко возило „ауди А8“, со скопски регистарски ознаки, во кое биле пријавените К.С. и М.З.. Веднаш потоа е запрено патничко возило „дачија дастер“, со скопски регистарски ознаки, управувано од А.У, каде како сопатник бил Г.К., а зад нив и товарно возило „комбе“, во кое се наоѓала поголема количина дрога, спакувана во 40 картонски кутии во кои имало 400 полиетиленски пакувања со дрога, изјави портпаролката на МВР, Сузана Прањиќ Талевска.

Од опозицијата изразуваат сомнеж дека оние кои се фатени со дрогата биле поврзани со семејството на премиерот Заев. Велат за тоа е доказ и самото тоа што меѓу приведените е возачот на првиот братучед на премиерот, но и апсењето на командирот на полициската станица Прилеп, Кире Спиркоски.

-Дрогата е запленета во комбе со грчки таблици, за кое што се сомнева дека е во посед на фирма која е во сопственички удел во Медикал 420, фирма која што има добиено лиценца за одгледување на марихуана, конкретно во Битола. И тоа има добиено лиценца за одгледување на марихуана од власта на СДСМ и Зоран Заев некаде кон крајот на 2017-тата година. Што е тука симптоматично? Повторно прашуваме дали возилото со кое што се пренесувала дрогата е во сопственост на фирма на Трајче и Бобан Заеви?, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Како и во случајот со пасошите, македонската полиција поддршка и за овој случај имаше од Американската амбасада, од каде и ја потврдија таа информација.

-Во овој случај, како и во случајот со пасошите, работевме заедно со МВР и дадовме техничка поддршка, велат од Американската амбасада во Скопје.

При извршен претрес кај А.У. за кого се тврди дека возачот на Трајче Заев, во стан во Скопје е пронајдено поголемо количество оружје, муниција, гранати, барут и делови за оружје, а при претрес извршен во стан во Битола, кај него се пронајдени 13.600 евра и 50 илјади денари, колекција луксузни часовници, како и документација за фабрики за производство на марихуана во медицински цели.

Матеја Петровски