Молк од МОН и од Владата околу почетокот на учебната година

Се уште е енигма кога ќе стартува новата учебна година. На самиот крај од Август и од МОН и од Владата молчат за тоа кога ќе заѕвони првото училишно ѕвонче. Комисијата за заразни болести пресече – децата до трето одделение ќе седнат во училишните клупи. Но, родители на дечиња кои ќе треба да следат настава во школо се збунети – велат до денес ниту некој ги известил кога ќе почне наставата, ниту им побарал согласност за децата да им одат в училиште.

„До денеска, ниту одговорните, ниту никој не не прашал дали сме за онлајн настава или физичко присуство на наставата,ниту книги да ни дадат. Никакво образложение кога би почнала учебната година и каква би била наставата“, вели Ивана Павлова родител на второодделенче.

Децата над 10 години и оние од поголемите градови каде има и повеќе ученици по паралелка наставата ќе ја следат од дома. Но, наставниците кои ќе треба да ги едуцираат за Алфа откриваат дека се уште никој не им кажал според која програма и преку која интернет платформа ќе треба да ги учат децата. Велат, иако било најавено дека обуките за онлајн настава кај просветните работници ќе почнат уште со стартот на минатата недела, до сега немаат информација дали и кога надлежните ќе им ја презентираат платформата Едуино преку која ќе треба да ги предаваат наставните часови.

Во меѓувреме, од МОН не откриваат до каде се измените на Законот за образование кои се неопходни за да почне учебната година. Тие уште минатата недела требаше да бидат доставени до Владата. Но, неизвесно е дали ќе мора да го чекаат новиот владин состав за да добијат зелено светло и да влезат во Парламентот.

Се поизвесно е дека Владата нема да се комплетира оваа недела. Тоа пак ќе ги пролонгира процедурите за старт на учебната година. Надлежните велат дека школската година би требало да почне кон средината на Септември.

Настава во училница ќе следат сите деца од прво до трето одделение. Но, оние родители кои нема да дадат согласност децата да им одат во школо, во време на пандемија, ќе имаат можност наставата да ја следат преку компјутер. Физичко присуство ќе биде можно и за децата од помалите градови и руралните средини каде има помалку ученици во паралелка. Но за тоа барање до МОН ќе треба да пратат самите училишта. Од министерството информираат дека до сега ниту едно училиште од помалите средини не побарало да ги отвори вратите за сите ученици.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста