Молк на владата за кредитите – банките со најава за понуди

Молкот на Владата го скршија банките. Додека министерката за финансии не објаснува дали сите должници ќе добијат понуди и што тие ќе содржат, НЛБ банка прва излезе со најава за понуди. Банката планира да ги одложи ратите за кредити на населението за 6 месеци до крајот на септември, како и рефинансирање на постоечките кредити, одобрување нови кредити со грејс период. Банката има понуди и за фирмите.

„ Можностите за правните лица се: одложување на отплатата на кредитот од 3 до 6 месеци заклучно со 30.09.2020, можност за рефинансирање, како и понуда на нови кредити за ликвидност. Кај клиентите од индустриите кои се затворени или се директно најпогодени од кризата, како и кај микро и малите претпријатија, во најголем број ќе се примени мерката за одложување на отплатата на кредитите“ – велат од НЛБ.

Граѓаните и фирмите нестрпливо чекаат на одложување на ратите за кредити. Дали ќе добијат грејс период, пролонгирање, пониски камати или пак нов кредит за рефинансирање на старите обврски? Време за маневар нема. Многу рати за кредити треба да се платат веќе на 1-ви април. Банките ветија дека во најкраток можен рок одлуките треба да поминат на нивните Управни одбори, по што ќе ги склопат понудите за фирмите и населението.

„ Комерцијална банка интензивно работи на концептите за репрограмирање на кредитната изложеност на физичките лица и на фирмите кои ги исполнуваат критериумите пропишани од страна на НБРСМ, односно на утврдување на прецизните мерки и начини на комуникација со клиентите со цел да се олесни финансискиот товар со кој се соочуваат или би можеле да се соочат како резултат на корона-кризата“ – велат од банката.

Она што со сигурност се знае е дека граѓаните не треба да одат во филијалите на банките, согласно препораките за заштита од ковид 19, туку да чекаат писмена понуда, понуда по смс, е-мејл, објава на веб страниците на банките.

Оние што ќе добијат понуда од банките треба да одговорат во рок од 10 дена. Ако граѓаните не ја одбијат, ќе се смета дека автоматски ја прифаќаат понудата. За компаниите, пак, е обратно. Ако не ја известат писмено или електронски банката дека ја прифаќаат понудата, по 10 дена ќе се смета дека ја одбиле.

Понуди ќе има за сите видови кредити, кредитни картички, одобрен минус. Оние што нема да добијат понуди, ќе треба самите да побараат од банките поповолни услови за враќање на долговите.

Од Народната банка одлучија дека до крајот на септември секое доцнење до 150 дена нема да се смета за нефункционален кредит. Фирмите им должат на банките 2,7 милијарди евра, а граѓаните 2,8 милијарди евра.
НБРМ им сугерираше на банките и да не делат дивиденди оваа година. Некои ја послушаа, некои не. Брокерите велат дека ако не поделат дивиденди, интересот за инвестирање во нивни акции дополнително ќе спласне. За неполн месец, акциите на банките изгубија и до 30% од својата вредност.

Додека граѓаните чекаат на одложување на ратите за кредити, засега се знае само дека извршителите нема да извршуваат решенија до крајот на јуни.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста