МНР вели се усогласуваат акциските планови со Софија, Заев: Ништо пред изборите кај соседот, јавноста збунета

Заев верува во реализација на Акцискиот план со Бугарија по завршувањето на изборите кај нив, но кој е тој план, оној кој го нуди Бугарија или пак Македонија? Премиерот рече процесот на официјални преговори завршил.. МНР пак со поинакво соопштение:

Известуваме дека во разговорите со Бугарија до овој момент постојат два предлога за Акциски планови, наменети за поефикасна и структурирана имплементација на Договорот за пријателство од 2017 година: еден, како првичен предлог од страна на Македонија и вториот, како предлог од страна на Бугарија. Засега сѐ уште не е усогласен единствен Акциски план, а на негово усогласување ќе се работи во претстојниот период-велат од МНР.

А Заев вчера рече:

-Процесот на официјални преговори заврши. Јас верувам дека следува реализација на Акциониот план, а веднаш после изборите во Бугарија да влеземе во разговорите и преговорите на политичките основи, затоа што секогаш пред избори навистина е нерационално и непродуктивно да се преговара за политички теми – рече Зоран Заев – претседател на Владата (18.01.2021).

Разногласието на владата ја збунува јавноста, дали ќе чекаме уште 3 месеци за да се продолжи со барање на начин за решавање на спорот со Софија, кој акциски план ќе биде солуцијата, дали Македонија ќе потклекне пред барањата на Бугарија? Одговори нема, нема ни конкретни детали што содржи македонскиот акционен план, а што бугарскиот..Се чини дека одговорите ќе ги добиеме од бугарските медиуми.

Претходно од Каракачанов дознавме дека официјална Софија веќе имала испратено анекс со 12 точки кои Македонија треба да ги исполни за Бугарија да ја крене рампата и да даде зелено светло за да добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ.

Документите кои си ги разменија Скопје и Софија  но и целиот процес на разговори  би требало да се најдат пред пратениците во македонското собрание, одговори од Османи и Димиторв ќе бара опозицијата на комсијата за надворешна политика, но и целата јавност ги очекува.

Мери Ѓорѓиева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста