МНР прогласи уште пет руски дипломати за непожелни, им даде пет дена да ја напуштат Македонија

Пет руски дипломати протерани од Македонија – вработените во Амбасадата на Руската федерација прогласени за „персона нон грата“ ќе мора да ја напуштат државава во рок од пет дена. Од Министерството за надворешни работи информираа дека бил повикан амбасадорот Сергеј Баздникин, да му ја соопштат веста.

Денес во просториите на Министерството за надворешни работи беше повикан Амбасадорот на Руската Федерација во земјава, Сергеј Баздникин, кому му беше врачена дипломатска нота, со која петмина вработени во Амбасадата на Руската Федерација се посочени како непожелни во земјава или персона нон грата – информираат од МНР.

Освен тоа дека дипломатите извршувале активности кои биле во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи – нема детали зошто македонското МНР се одлучи на ваков чекор. Што точно направиле што е спротивно на Виенската конвенција не објаснуваат.

Ова не е прв пат Македонија да прогласи руски дипломати за непожелни личности. И минатата година беа протерани неколку. Лани во мај на тогашниот руски амбасадор Сергеј Александровиќ, му беше даден ултиматум од 7 дена, еден од неговите колеги да ја напушти земјава. Тогаш руската амбасада се закани со контра мерки и чинот го дефинираа како крајно непријателски. Но и на овие закани, шефот на дипломатијата Османи, уверуваше дека  тоа немало да ги влоши односите помеѓу Македонија и Русија. Сепак, тоа резултираше со протерување на наш дипломат од Москва на 10 јуни.

Во август повторно протеравме руски дипломат. Тогаш министерот Османи не даде никакви детали за причината на неговата депортација, освен дека се грижел за заштита на националната безбедност но и на безбадноста на сојузот во кој што сме припаѓале. И тогаш го употреби истото оправдување дека дипломатот се однесувал спротивно на принципите. На крајот остануваат и натаму нејасни и во дипломатски ракавици причините за вакви радикални одлуки на МНР.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста