МНР и здравство без детали за тројцата Македонци „заробени“ на крузерот во Јапонија

Кои се, туристи или вработени, дали се заболени или само ги држат во карантин – се ова останува непознато за тројцата Македонци кои се наоѓаат во карантин на бродот во Јапонија .Од МНР и по 24 часа откако се дозна дека има Македонци на како што го нарекуваат „затворот на вода„ за Алфа велат дека немаат дополнителни информации, но дека е остварен разговор со македонската Амбасада во Токио чии претставници се „на линија“ со јапонското Министерство за здравство.

„Немаме директна комуникација со тројцата македонски државјани на крузерот. Во постојан контакт сме со нашата Амбасада во Токио која, пак, е во комуникација со Министерството за здравство на Јапонија и на тој начин добиваме информации за нив. На бродот се задржани во карантин заедно со сите останати лица поради присуство на корона-вирус кај дел од нив“, – велат од МНР за Алфа.

И министерот за здравство Венко Филипче нема никакви инфромации.

– Детални информации за тројцата македонски државјани кои се меѓу патниците на јапонскиот крузер, што беше ставен во карантин во пристанишето во јапонскиот град Јокохама, каде има заразени од коронавирусот, и за уште еден наш државјанин, кој е во карантин во Франција, ќе добиеме денеска. – изјави Филипче.

Алфа контактираше и со една од агенциите во Македонија која посредува при испраќање туристи и вработување во „Дајмонд Принцес“, која е сопственик на бродот но, и од таму креваат раменици, велат можно е, тројцата македонци да се дел од персоналот на бродот.

Јапонските власти во меѓувреме соопштија дека на крузерот е регистрирано 61 заболено лице. Стотици патници, се затворени во своите кабини, а тестирањето продолжува.

Крузерот „Дајмонд Принцес“ со околу 3.700 патници и членови на екипажот, моментно е закотвен во јапонското пристаниште Јокохома и ќе биде во двонеделен карантин по откриените случаи на патници со корона вирус.

Инаку, освен тројцата македонски државјани има и други балканци на бродот. 14 Срби и шест словенечки државјани се помеѓу патниците. Ниту во едната ниту во другата земја досега не е регистриран случај на болен од корона вирус додека во светски рамки бројките константно растат. Заразени се повеќе од 30 илјади луѓе , а животот го загубија 638.

 

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста