Многу ветувања, мала реализација – здравството останува „клинички случај“

Околу 1600 лекари и медицински сестри се уште чекаат да добијат договор на неопределено време. Филипче уште пред три месеци им ветуваше оти ќе им се промени договорот од определено време, па ќе добијат решенија.

-Решивме сите здравствени работници кои имаат договор на дело во јавниот здравствен сектор да добијат трансформација на работниот однос, па да бидат вработени на неопределено. Не само доктори на медицина, туку целиот персонал, кој брои околу 1600 вработени, ќе го транформираат договорот, па ќе имаат договори на неопределено, изјави министерот за здравство Венко Филипче, пред три месеци во телевизиско гостување.

Зошто ова остана само празно ветување, кога има постојан одлив на бели мантили од земјава, од Министерството за здравство молк.

Оттаму веќе два дена не одговараат на прашањата на Алфа зошто договорите на дело, или на определено време на вработените од здравствениот сектор не се променети.

Транформација на договорите на сите вработени во јавните здравствени установи е само едно од ветувањата што засега не се реализирани.

Најавите дека до 2020 година лекарите ќе земаат 100.000 денари основна плата, со ваква динамика, како што често посочуваат од Синдикатот на клинички центар, тешко дека ќе станат реалност, бидејќи засега има зголемување само за 15% на докторите специјалисти, а 10% за медицинските сестри. Само на збор засега остануваат и плановите за нов клинички центар, чии темели, според најавите треба да се удрат до крајот на годината.

Во меѓувреме, Филипче, како Претседател на Комисијата за здравство на СДСМ, се шета низ градови и најавува нови капитални инвестиции во здравството.

Сања Трајковска Ставров