Многу прашања, малку одговори- која е вистината за случајот Сашо Мијалков?
Сашо Мијалков два дена го немаше никаде, па изненадувачки се појави. Како се појави, така и обвинителката Вилма Русковска ја смени траката. Од информациите дека сигурно ќе бега, до верба дека поранешниот директор на УБК нема да побегне. Го бараа по багажници, полиција цело време беше пред неговиот дом, пред хотелот Мериот, но и покрај се Мијалков слободно се појави пред Обвинителството и беше повлечена жалбата за затворски притвор, иако праксата во вакви случаи речиси никогаш не е таква. Според адвокатот Јанаки Митровски, случувањата последниве денови, се крајна навреда за цела правна фела.
-Оние како мене кои што си ја сакаме работата и кои што ни е повеќе од само егзистенција, апсолутно се срамат од сето ова што се случува, но многу повеќе се срамам од фактот да ни ја навредуваат интелигенцијата, со навистина смешни образложенија. Така да, мене ми е многу многу жал, јас Русковска ја знам уште од многу порано, додека беше обвинител во оранизиран криминал уште пред 7-8 години, што очигледно тргнува по патот на една нејзина колешка која моментално е исто во домашен притвор, вели Митровски.
Освен кога е мерката притвор во прашање, овој случај има голем број контрадикторности. Прво оправдувањето на Мијалков дека не бил во бегство, туку имал температура над 40, и се плашел дека има корона, иако ковид 19 прележа во октомври.
Само еден ден откако според неговите зборови, имал здравствени проблеми, Мијалков се појави во Обвинителството во добра здравствена и физичка состојба. Според Митровски ваквото оправдување било смешно.
-Не може никој да убеди никого дека два дена цела Македонија го бара, цело семејство ви е во полициска станица, меѓутоа вие не сте знаеле дека сте баран, сте биле со симптоми на ковид, кој што пак е медицинско чудо, бидејќи сте го прележале пред три месеци, вели Митровски за Алфа.
Иако вчера попладне системот поставен од претходната власт, бил крив за бегството, откако Мијалков се појави за власта системот експресно стана добар. Првообвинетиот во „Таргет тврдина“ пак им се извини на Заев, министрите, како и на правосудните органи.
-Се извинувам на власта, премиерот, на министрите, на правосудните инстанции, на сите останати, изјави Мијалков вчера за Телевизија 24.
Според Митровски и на малите деца им е јасно дека е постигнат договор.
-Мислам дека ќе биде многу поинтересно дали по изрекување на пресудата, по произнесување за мерката за определување присуство дали ќе бара ефективен притвор Обвинителството за организиран криминал, што е за очекување врз основа на сето она што се случи, но тоа ќе биде и јасна индиција за политички влијание врз Обвинителството. Нема воопшто што да дискутираме дали станува збор за договор, и уште да излегуваат челниците на државата да ни го претсавуваат како некој успех е крајно навредливо, вели Митровски за Алфа.
Она што исто така е спорно во овој случај е фалењето на Заев дека преку уцени кон неговото семејство дека ќе им бидат блокирани сметки, запленет имот, бил обезбеден Мијалков. Доколку е навистина така, се поставува прашањето дали бил почитуван законот при распитот на неговите синови, сопругата, братот и други роднини.
Матеја Петровски