ММФ: Македонската економија ќе заврши во рецесија од 4% во 2020 година

Економијата сигурно годинава ќе заврши во рецесија, прашање е само колкав ќе биде минусот. Меѓународниот монетарен фонд излезе со проекции за пад на БДП од 4%. Фондот информира дека појавата на Ковид 19 предизвикала силен удар врз македонското стопанство. Народната Банка реагирала навреме со намалување на основната камата и преку регулаторни измени да им помогне на граѓаните и фирмите да ги реструктуираат долговите, а биле спроведени и привремени фискални мерки.

,,Економските изгледи на Северна Македонија значително се влошија како резултат на пандемијата на Ковид-19. Се очекува реалниот БДП да се намали за 4 проценти во 2020 година, како резултат на падот на домашната и надворешната побарувачка. Ова, заедно со негативните шокови врз довербата и прелевањата од глобалните финансиски текови, создаде потреба од итно обезбедување на потребите на платниот биланс“ – изјави Тао Џанг -заменик извршен директор и вршител на должноста претседател на Извршниот одбор на ММФ.

За Народната Банка помошта од ММФ е многу значајна, бидејќи финансиите ни се потребни за спроведување на фискалните мерки и за  зголемување на нивото на девизни резерви.

“На овој начин се создава поголем простор за спроведување релаксирана монетарна политика и за обезбедување на олеснети финансиски услови за кредитирање на погодените компании и граѓани” – вели Анита Ангеловска -Бежоска – гувернерка на Народната Банка.

За да му помогне на македонското стопанство, ММФ, преку Инструментот за брзо финансирање и одобри на земјава 176 и пол  милиони евра со каматна стапка од 1,5% и рок на отплата од пет години. Министерството за финансии информира дека ММФ одобрил двојно повеќе средства од она што Македонија го побарала.

“Наскоро, во текот на месец мај, се очекуваат да се добијат и други средства за кои преговараме и тоа од Светската Банка и од Европската Унија. Секако, во исто време будно го следиме пазарот на капитал, кој се очекува наскоро да почне да се стабилизира и затоа ќе почнеме и со постапката за издавање на еврообврзница” – вели Нина Ангеловска, министерка за финансии.

Слични проекции за рецесијата имаат и домашните аналитичари. Проекциите на Институтот за економски истражувања „Фајненс Тинк“ се дека 2020-та ќе ја завршиме во рецесија од минус 3,8%, поради намаленото производство и затворањето на фирмите во угостителскиот сектор. Министерката Ангеловска неодамна излезе со 3 сценарија за македонската економија годинава, најповолното предвидува пад на приходите од 20% и дополнителна дупка во државната каса од 700 милиони евра. Најлошото, пак, е засновано на 40% пад на приходите и дефицит од 1,3 милијарди евра. Недостатокот ќе се покрива со еврообврзница „тешка“  800 милиони евра, 176 милиони од ММФ, 140 милиони од Светска Банка, домашни заштеди на институциите од 106 милиони евра, како и пари од Европската Унија.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста