Младите не сакаат да работат земјоделие, претпочитаат да заминуваат во светот

      „Мачен е животот земјоделски, горчлив е лебот на земјоделецот. Само тој што не работел земјоделие, не го знае ова. Во Македонија станува се’ потешко да се преживее од земјоделието. Затоа и младите ни бегаат, не сакаат ни да слушнат да останат в село и да го продолжат она во што ние сме го вложиле целиот свој живот. Овде не гледаат ниту надеж, ниту перспектива. Селата, полека, но сигурно, ни се испустија. Во нив се’ помалку има живот, оти се’ помалку млади има“. Ова се само дел од животните приказни на македонските земјоделци, кои тврдат дека „белата чума“ се’ повеќе си го земала својот данок.

  „Селата се нагло испустени, а заинтересираноста на младите е катастрофа, на еден процент. Секој гледа само да добие виза и да замине странство, дали Австралија, Америка, Канада или во европските земји. Повеќе не верувам дека некој од младата генерација ќе остане на оваа стопанска гранка и во оваа држава. Секој гледа, завршува некое си образование и заминува странство“, – објаснува Тони Петковски, земјоделец.

  Борче Бучински е татко на три деца. Најголемиот негов син има само 18 години и веќе размислувал да замине некаде. „Не сака ни да слушне да остане овде и да го продолжи нашиот фармерски семеен бизнис“, вели Борче, кој токму од овие причини веќе почнал и да го намалува бројот на кравите кои ги одгледува. 

    „Повеќе од оваа генерација на млади луѓе не верувам дека ќе се нафати некој да произведува храна, дали било млеко или било друго. Јас сум единствениот со ситни крави во Могила, или не единствениот, можеби има уште 5-6 фамилии со поситни крави, а бевме 400 фамилии“ – посочува Борче Бучински.

   Со сличен проблем се соочува и Валери Усеиноски кој има цело земјоделско стопанство и кое го одржува со децении. Сега е загрижен. Вели, децата не сакале да останат в село. Сакале да одат странство.

   „Ние секој ден пропаѓаме. И децата нема да ни останат повеќе. Еве, моите синови викаат да испродадеме. Јас ако испрададам, другиот ако испродаде што ќе остане ?! Нема брашно! Како ќе има брашно? Сето пустелија е. А и нас ќе не снема, многу брзо ќе не снема. Еве гледате, секој ден се продава стока., – вели Валери Усеиноски, земјоделец.

    За незаинтересираноста на младите да се занимаваат со земјоделие аларамираат и земјоделците од источниот регион на земјава каде иселувањето добива веќе загрижувачки размери. „Нивите ни станаа угари, а во селата има само старци. Младите масовно си замнуваат“, објаснуваат тие.

  Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста