Младите ги симнаа маските, повозрасните се уште внимателни со Ковидот

Олабавувањето на мерките, не ги олабави сите граѓаните. Се уште во продавница влегуваат со маска за како што велат претпазливост од вирусот, но и навиката која останала по цели две години носење заштита на лицето во затворен простор.

По цели две години, во средата Владата го прифати предлогот на комисијата за заштита од заразни болести да се укине задолжителното носење на заштитна маска од КОВИД-19, со исклучок во јавните превозни средства, здравствените установи, аптеките, установите за згрижување на стари лица и лица со попреченост.

Во меѓувреме, продолжува трендот на опаѓање на бројките на новозаболени и активни случаи на ковид-19. Сега за сега сме во безбедна зона уверуваат надлежните, но никој не треба да биде изненаден од нов ковид бран на есен. За тоа е потребна и подготовка на здравствениот систем и набавка на лекови.  Здравствените власти не се откажуваат ниту од вакцинацијата. Според првиот човек на Комисијата, Петличковски, вакцинацијата е единствениот излез доколку се појави нов есенски бран.

Според Светската здравствена организација, вкупниот број на потврдени случаи од коронавирус од крајот на 2019 година достигна над 500 милиони.

Од појавата на заразата, најмногу инфекции се евидентирани во Европа (209,5 милиони) и во САД (151,7 милиони).Африка пак, сочинува само околу два отсто од глобалниот број случаи.

Од друга страна, Американската администрација за храна и лекови даде дозвола за итно одобрување на тест за ковид-19, кој се прави преку здив.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста