Мицкоски: „Животот“ на СДСМ на апарати, исполнети само 2% од ветувањата

Ниту подобар живот, ниту пак повисоки плати и пензии, ниту пак модерна инфраструктура, ни енергетската ефикасност. „Животот во Македонија“ кој на голема врата го најавуваше сегашната власт, а тогашна опозиција, не е ни малку мрднат од мртва точка и земјава наместо да се развива, тапка в место веќе три години, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Христијан Мицкоски наброја низа проекти кои власта на големо ги најавуваше за време на предизборието, за сега ниту еден од нив да не е исполнет. Рече дека степенот на реализација на проектите, заклучно со 1 ноември 2019. не надминува 2%, што значи 98% од ветеното не е испорачано.

– На првиот дел од најголемата политичка лага наречена „Живот во Македонија„ степенот на реализација на проектите ветени за време на предвремените парламентарни избори во 2016 година заклучно со 1 ноември 2019 години не надминува повеќе од 2%. 98% од ветеното не е испорачано. Нека оценат граѓаните дали зборот е збор и дали зборот важи или зборот лажи. Со вакви и слични ветувања по принципот на „all-in“ ,по принципот на примитивизмот „мало сутра“ „тепсијата и баклавата“ и слично ќе се изнаслушаме на следните предвремени парламентарни избори и во кампањата. Јас верувам во исклучителната голема мудрост на граѓаните и верувам во довербата која што ќе ја добие „Обновата на Македонија“ на 12 Април 2020 година, изјави Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Мицкоски додаде дека на стаклени нозе се и образованието, здравството, но и секоја сфера од општественото живеење. Рече дека нивниот принцип „тргни па застани“, бил доказ дека наместо искусни луѓе кои треба да водат држава, имаме аматери кои експериментираат со животите на илјадници луѓе.

Мицкоски додаде дека токму Заев ја направи државата рекордер по бројот на сиромашни граѓани. А токму тие во исчекување на 500 евра плата, велат наместо живот, донеле само „крпен живот“. Тие наместо да стануваат побогати, велат дека власта постојано ги прави посиромашни со зголемувањето на давачките.

Честите задолжувања на државата, најниската просечна плата во регионот станаа реалност, наместо „подобар живот за граѓаните“ кој премиерот го ветуваше дека ќе го донесе. Тој на почетокот од годинава рече дека ќе облечел и железни опинци за 500-те евра просек да стасаат до граѓаните. Но тоа барем за сега останува само пуста желба на Заев.

Во очекување на ветените 500 евра просек, македонските граѓани остануваат закопани на дното во Европа по животниот стандард, висината на платите, невработеноста, но и иселувањето, кое наместо да запре, зема се поголем замав.

И додека власта се фали дека економијата цвета, погрешните државни политики се одразија и во индустријата, каде за една година имаме пад на бројот на работници од 2,5%, односно на 100.000 работници Македонија има 2.500 помалку.
Капиталните инвестиции се на најниско ниво и изнесуваат само 24,5%, но затоа пак долгот е на највисоко ниво и тој надмина 5 милијарди.

А она што загрижува е фактот дека преку 500.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата, односно секој 5-ти граѓанин едвај преживува.

Борис Грујоски