Мицкоски за Вечерњи.хр: Заев му даде аргумент на Макрон да ги блокира македонските евроинтеграции

Заев му даде аргумент на Макрон да ги блокира македонските евроинтеграции. Во интервју за хрватскиот Вечерњи.хр претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека не смета оти ЕУ донела неправедна одлука за одложување на датумот за почетокот на преговорите со Македонија, туку таа e последица на тригодишната катастрофална политика на премиерот.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека активниот проблем во нашето општество се криминалот, корупцијата и политичкиот притисок врз судиите и обвинителите и токму заради тоа и Макрон го спречил отворањето на преговорите, а Заев ќе влезе во историјата на Македонија како најнегативната личност во овие 28 години.

Вели дека не гледа потреба од распишување на референдум за враќање на старото име на државата, бидејќи за него референдумот од 1991 година е и натаму важечки.

Потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш располага со коалициски потенцијал со албанските партии, но дека многу важна улога ќе има прашањето каква волја и капацитет ќе имаат тие за спроведувањето на неопходните реформи кои ВМРО-ДПМНЕ ги има во својата програма.

Доколку ние не добиеме стабилно двотретинско мнозинство во Парламентот и мнозинство од претставниците на другите етнички заедници, се отвора можност за враќање чекор назад бидејќи ни престојат многу работа и реформи.

Македонија многу брзо ќе стане полноправна членка на ЕУ, а потоа ќе ги исправи грешките одвнатре. Не постои договор кој може да ми забрани да бидам Македонец кој зборува на македонски јазик и доаѓа од Македонија.

Нашиот концепт не е антиквизација и не е северизација на Македонија, туку е големо ДА за враќање на македонизмот во Македонија – порачува Мицковски во интервјуто за Вечерњи.хр.