Мицкоски: Со Клиничкиот центар се подготвува најголемата пљачка на Република Македонија во поновата историја

Пет милијарди евра инвестициски бум најави премиерот Зоран Заев. Во промотивно видео на социјалните мрежи, претседателот на Владата вели дека планирано било да се инвестира во изградба на патишта, училишта и градинки, нов Клинички центар… По една милијарда евра за изградба на патишта и железници, а исто толку е предвидено и за енергетика, најави Заев.

На ова реагираше опозицијата. Велат, на Македонија и се подготвува најголемиот грабеж во поновата историја. Осврнувајќи се на најавата на Владата за нов клинички центар за што денеска беше објавен и тендерот, лидерот на ВМРО ДМПНЕ, Христијан Мицкоски алармира дека за овој проект државата ќе се задолжи 500 милиони евра, пари кои граѓаните ќе ги враќаат со години.

„А дека изградбата на новиот клинички центар всушност е уште еден обичен обид за пљачка, говори објавениот јавен повик за конкурентен дијалог. Имено, во минатото додека Зоран Заев го распродаваше националното достоинство, го менуваше законот за јавни набавки и тоа, најпрвин го укина Советот за јавни набавки, а потоа го укина критериумот најниска цена и стави акцент на субјективната категорија квалитет“, пиша Мицкоски на Фејсбук.

Мицкоски потсети на сите досегашни ветувања од страна на премиерот кои останаа нереализирани.

„Оној истиот Зоран Заев кој велеше дека ќе има 500 километри нов автопат, плата од 500 евра и раст на економијата од минимум 5% секоја година. Доктори со 100.000 денари на сметка секој месец, реновирани студентски домови, задоволни пензионери со повисоки пензии и државна администрација со покачена плата секоја година од 5%. Рестартирани “Еурокомпозит” и “Југохром”“, додаде тој.

Инаку, според податоците на Министерството за финансии, во првите пет месеци од годинава биле реализирани едвај 20 отсто од предвидените капитални инвестиции, односно владата потрошила само 86 од планираните 418 милиони евра.

Биљана Божиновска