Мицкоски: Ние сакаме закони и правдина а неспособната власт сака слуги во правосудството

Борбата за право и правдина е безусловна. Ние зборуваме за принципи и закони, а тие за индивидуи кои му слугуваат на Заев и СДСМ. Немаме никаков договор со власта која сака сите процеси да ги тера насилно и со уцени. Ако добиеме преговори со ЕУ, тие ќе бидат половични, условени – со што ќе излезе на виделина сета неспособност на власта. Лидерот на ВМРО-ДМНЕ Христијан Мицкоски детално ги објаснува причините зошто се закочени преговорите меѓу власта и опозицијата во врска со законот за Јавното обвинителство и зошто нема нова лидерска средба.

– Нашата позиција е безусловно почитување на уставот и законите, а нивната позиција е индивидуи, луѓе поединечни, луѓе коишто во целиот овој процес му слугувале практично на СДСМ и Зоран Заев и ако е потребно за политички цели и определени компромиси со почитувањето на законите и Уставот. Така што кога ќе видиме дека работните групи ги доближиле овие ставови, тогаш би можеле да организираме лидерска средба и повторно да изнајдеме обид да видиме дали можеме да се договориме – вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Мицкоски негира дека воопшто биле разгледувани конкретни имиња за нов јавен обвинител а оние што се исфрлаат во јавноста ги толкува како шпекулации но и како доказ како власта, која номинално се бори против лажните вести, всушност самата ги лиферува.

– Практично оној што треба да се бори против лажните вести гледаме дека е главен генератор на лажни вести, тоа сето го расеменуваа по медиумите и има за цел да создаде лажна слика, бидејќи имаат медиумска доминација. Имаме сведочења од многу луѓе како се однесува овој криминален октопод на власта кон медиумите, така што би заклучил конечен одговор на вашето прашање – да за процеси, законити и уставни, не за персонални решенија – тврди Мицкоски.

Лидерот на опозицијата предупредува дека власта верува оти со насилство, со притисок, па дури и со затворање на политичките неистомисленици ќе ги заплаши да не излегуваат и да ги критикуваат погрешните политики на Заев, што во основа е голема грешка која токму на ВМРО-ДПМНЕ ќе му донесе предност на следните избори. Верува дека е можно да ги добиеме преговорите со ЕУ, но дека поради неспособноста на СДСМ нема да бидат под исти услови како на другите земји кандидати.

-Доколку би го добиле нема да биде како што е тоа вообичаено, како што тоа го добивале претходните земји-кандидати за членство во ЕУ, туку тоа ќе биде некоја кованица, некој помеѓукомпромис, отворање на поглавјата коишто се за правосудството, па додека тие не се затворат да нема некој официјален почеток итн. Повторно излегува на површина, барем од оние информации коишто јас ги добивам, неспособноста и начинот на којшто се раководи државата од страна на Владата предводена од СДСМ и Зоран Заев – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

– Мицкоски најавува дека опозицијата е подготвена за избори во секој момент, бидејќи тие се императив за граѓаните во ситуација кога власта ја движи државата во погрешна насока, со отсуство на реформи, цунами во економијата, распродажба на националните интереси, катастрофални образовни и здравствени политики, девастирано земјоделство, а од друга страна криминал и корупција на секој чекор. Уверува дека ВМРО-ДПМНЕ повторно е стабилно, реорганизирано и обединето. Најавува акција под мотото „разговараме со граѓаните за обнова на Република Македонија“ која ќе трае до декември, а од која ќе произлезат решенија што ќе бидат вклучени во програмата на партијата за изборите.

Драган Милосављевиќ