Мицкоски: Неправдата ќе биде победена на избори, граѓаните ќе ви покажат што значи гневот на народот

Нема да има правда и нема да има мир додека оваа неправда не ја поправиме, а тој поход започнува со победа на 21-ви април. Потврда на таа победа доаѓа на 5-ти мај, а потоа организирање на предвремени парламентарни избори каде ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ ќе им покаже каде е нивното вистинско место.

Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва од трибина во Неготино.

-Ве молам за поддршка затоа што како никогаш до сега на нас, на Македонија е неопходна поддршка од граѓаните. Да си ја вратиме назад киднапираната држава полна со неправди. Ветуваа за земјоделците загарантиран откуп, ветуваа дека плодот нема да остане необран од нивите. Вчера бев во Ресен, ми сведочеа луѓето како со пила ги сечат дрвата необрани со родот. Зошто? Затоа што еден килограм јаболка е еден денар. Истото е во Пелагонија, житото стои необрано сонце да го грее. Исто беше така и во Малешево кога се истураа сливите и во Росоман кога се истураа праските, и во струмичко кога се истураа раноградинарските производи. Никаде го нема загарантираниот откуп, никаде ги нема субвенциите. Тука доаѓаше оној министер кој ужива да шопингува во Дубаи и тоа не го крие. Да ветува дека ќе го реши проблемот на лозарите во Тиквешијата. Каде е сега да излезе и тоа ветување да го спроведе, истакна Мицкоски.

Тој посочи и дека лекарите ја напуштаат Македонија.

-Ветуваа овде во Неготино дека ќе ја реновираат болницата, дека ќе го реновираат гинеколошкото одделение. Па тие се подготвуваа да ја затворат. Видете оној тендер министер што кажува. Планирале да ги затвораат болниците, луѓе да умираат на улица. Зошто? За да им врви бизнисот. Но затоа, за да направат фирми еден ден пред да се случи тендерот и таа фирма да даде најдобра понуда, за тоа нема проблем, посочи Мицкоски.

Мицкоски рече дека неправдата ќе биде победена на избори.

-Овој народ на 21-ви ќе ви покаже што значи гневот на народот. Потоа истото тоа ќе го потврди на 5-ти мај. Ќе ја отвориме портата за оној крај за Заев и СДСМ на предвремените парламентарни избори. И тогаш за сиот криминал ќе одговараат пред законите. Од прв до последен. Но, за тоа што и го направија на Македонија, за сето понижување, омаловажување, за сите неправди кои ги донесоа, е за тоа посебно ќе се пресметаме, порача Мицкоски.