Мицкоски ја критикува Дескоска дека не сака договор за СЈО

Министерката за правда преговара за да не се договори – вели лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски во врска со разговорите на работните групи на власта и опозицијата за Законот за јавно обвинителство. Според него, Дескоска нема менаџерски способности да создаде атмосфера за компромис и заедничко решение. „Владата е свесна дека во јуни нема да добие јасна препорака од ЕУ, а за неуспехот вината ќе ја префрли на опозицијата. Амандманите се на маса – нека ги прифатат“, вели Мицкоски.

По вчерашната четврта средба меѓу работните групи која мина без конкретен договор, Дескоска потврди дека точката на сопнување е статусот на СЈО и употребата на доказите во истражните постапки. Без почитување на меѓународните принципи договор ќе нема, децидна е министерката. За продолжување на истрагите варијанти имало и без донесување на Законот.

„Сите пораки што ги добиваме од Европската Унија се дека треба да се донесе овој закон што е можно побрзо. Сакам да укажам дека дури и да не се постигне согласност за овој закон, има резервни варијанти за продолжување на истрагите за продолжување на постапките“, вели таа.

Минатата недела ВМРО-ДПМНЕ до Министерството достави 65 амандмани за Законот за јавно обвинителство. Се бара еднаква одговорност и ист буџет за сите обвинителства, а ниту еден јавен обвинител да нема повластен статус. Отстапка нема ниту од барањето СЈО да стане дел од Државното јавно обвинителство, но и да се формира Анкетна комисија која ќе контролира како се трошат парите на Специјалното обвинителство. Околу темата јавниот обвинител да биде избран по предлог на опозицијата, од ВМРО – ДПМНЕ велат дека нема да инсистираат, но сепак очекуваат премиерот Заев да си го исполни ветувањето кое за оваа тема го даде пред да дојде на власт.

Инаку, Законот за јавно обвинителство се носи со двотретинско мнозинство и е еден од условите за добивање датум за отворање на преговорите со Европската Унија.

Биљана Божиновска