Митовски: Ги имам сите документи, нека тужат!

Новинарот Александар Митовски, кој доби закани за тужби од речиси половина Влада, и тоа на чело со премиерот, тврди дека има докази за она што го напишал, вклучително и можната вмешаност на политичари во случајот „Рекет“, ама и веројатноста дека Заев ги предупредил „рекетарите“ дека се пријавени. Тој пред камерата на Алфа вели дека исказот со кој Камчев го пријавил случајот, но и дополнителните изјави, му биле доставени на домашна адреса.

-Првата страница беше објавена само како илустрација дека тоа што е напишано во текстот е релевантно, и јасно се гледа дека при кривичната пријава, во контакт со Боки 13 биле и други политичари. Ова е делот во дополнителниот исказ, каде што се вели ова, според изјавата на Камчев. Потпишани се тој, обвинителската Рускоска и записничарот, изјави Александар Митовски – Уредник на „Инфомакс“.

Откако Митовски објави една страна од исказот, чија автентичност ја потврдија и од Основното јавно обвинителство, првата закана за тужба пристигна дирекно од Заев.

-Секако дека ќе тужам, бидејќи тоа не е точно, изјави вчера Заев.

Само пред три дена премиерот ги бодреше новинарите да објават било какви индиции за криминал за случајот „Рекет“.

-Апелирам да се објават било какви докази, за било кој, прво за мене, па потоа и за сите ако постојат докази за инволвираност во незаконско однесување, секаде да се обајават, изјави Заев.

Закани за тужби на адреса на Митовски, освен од Заев, виртуелно, преку фејсбук статуси, упатија и вицепремиерката Радмила Шекеринска, шефот на дипломатијата Никола Димитров, потпретседателката на законодавниот дом Фросина Ременски.
На заканите на почитичарите се одѕваа новинарите. Бранко Героски, човекот кој прв почна да пишува за аферата „Рекет“, коментира:

„Њутнов закон во политиката: На политичар што тужи новинари му се ближи крајот. Другарчиња, ајмо сите ручна“

Новинарските здруженија, ЗНМ и МАН, Советот за етика како и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми, сите ги повикаа политичарите да се воздржат од тужби и да не ја загрозуваат слободата на изразување.

Сања Трајковска Ставров