Митовска: Најголемата опозициска партија не беше вклучена во процесот за спогодба со Грција

Најголемата опозициска политичка партија не беше вклучена во процесот на спогодба со Грција, изјави во емисијата „Отворено на Алфа“, Слаѓана Митовска од ВМРО-ДПМНЕ.

-Имавме и неуспешен референдум, и покрај се продолживте со спроведување на она што сте го намислиле. Постојано барате поддршка, а не ја вклучивте најголемата опозициска политичка партија. Граѓаните се против спогодбата, а сега насилно го спроведувате договореното со Грција. Деловникот на Собранието се крши, вели Митовска.

ВМРО-ДПМНЕ е „за“ интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО, но не и за промена на уставното име, додава Митовска.

-Партијата ВМРО-ДПМНЕ, не е за промена на уставното име. Секој меѓународен договор треба да биде објавен во службен весник, сега ги кратат и роковите за дискусија. Граѓаните треба да бидат добро информирани, а тоа е само една од причините зошто треба да има долга дискусија за уставните амандмани. Од собраниските комисии немаше пренос во живо, поради тоа што, СДСМ не сака јавноста да ги чуе сите аргументи, изјави Митовска.