Митева: Кога ќе биде готово решението за иднината на евроинтегративниот пат, јавноста ќе биде информирана
Владата нема намера да го држи во тајност предлог решението за откочување на евроинтеграциите. Портпаролката Марија Митева рече дека кога ќе се создадат услови, јавноста и Собранието ќе бидат информирани. Таа е децидна дека посветеноста на Владата во однос на евроинтеграцискиот пат е секогаш отворена пред граѓаните со јасно изразени ставови.
„Кога ќе се подготви едно такво решение, прво јавноста ќе биде информирана. Не станува збор за нешто што ќе се држи во тајност. Посветеноста на Владата во однос на евроинтеграцискиот пат е секогаш отворена пред граѓаните со јасно изразени ставови. Кога ќе се создадат услови, по финализирање на она што значи евроинтегративен пакет и став по однос на истото, ќе ја информираме јавноста, а се разбира и Собранието“, изјави на денешната прес-конференција портпаролката на Владата, Марија Митева.
Веќе е познато дека надлежните преку сите институционални канали до ЕУ и ЕК се обидуваат да излобираат подобро решение. Новиот план кој се готви на Илинденска се базира на уставни измени со одложено дејство. Власта се обидува да добие гаранции дека ова ќе биде последното барање од Бугарија, со тоа што амандманите во Уставот ќе почнат да важат кога Бугарија ќе го ратификува пристапниот протокол за Македонија во ЕУ.
Опозицијата и денеска побара да се свика затворена седница на која премиерот Мицкоски ќе го соопшти планот пред пратениците.
„Ние секојдневно покажуваме конструктивност за прашањето за продолжување на евроинтегративниот пат на државата, но за жал не гледаме одговор од премиерот во таа насока. Нашата идеја за собраниска седница е затоа што Собранието е местото каде што носат одлуки. Премиерот има многу најави за некаква поддршка од некои држави за менување на преговарачката рамка со која наводно би се подобрила состојбата на нашата држава во процесот на евроинтеграции, но сето тоа е обвиено со некаква мистерија и не знаеме детали. Премиерот има обврска тоа да го соопшти пред народните избраници и на граѓаните“ изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Критиките на опозицијата паѓаат во вода бидејќи во неколку наврати Христијан Мицкоски рече дека нема да ја прави истата грешка како претходната власт, која за ништо не се консултираше со нив, како тогашна опозиција. Напротив, претседателот на Владата рече дека ќе ги вклучи сите страни во процесот бидејќи членството во Европската Унија не е проект на една партија, туку е стратешки интерес на Македонија.