Министерството за здравство денеска ја поправи „грешката“ во системот на сајтот за вакцинација
Откако Алфа телевизија вчера објави за скандалот каде што Податоците на дел од граѓаните на сајтот за вакцинација се пробиени, денеска Министерството за Здравство ја исправи грешката на сајтот вакцинација.мк, иако вчера од нив не добивме конкретен одговор зошто дошло до толкав пропуст во безбедноста на сајтот.
Многу лесно можеше да се дојде до личните податоци на речиси четврт милион граѓани. Пристапот до податоците беше толку едноставен што во вашиот пребарувач на местото на адресата со само промена на една бројка се отвораа податоци на друг граѓанин. Односно стотици илјади линкови биле постојани без корисничко име и пасворд каде што можат да се отворат секаде во Светот. Системот функционирал на постојани перманенти линкови кои што немале никаква заштита. Или доколку имаме само еден валиден линк веднаш се забележува што може да се смени во линкот за да добиеме пристап до туѓите лични податоци.
Од Министерството За Внатрешни Работи не упатија сите одговори да ги побараме во Министерството за Здравство затоа што до нив никој не пријавил злоупотреба на негови лични податоци.
Повторно се обративме до Министерството за Здравство да ни одговорат кој ќе сноси одговорност за овој сериозен пропуст. Од Министерството за здравство и натаму не гледаат простор за одговорност за тоа што личните податоци на граѓаните беа буквално ставени на тацна за секого. Но, откако ја поправиле грешката сега повторно укажуваат дека злоупотребата на личните податоци е кривично дело.
Не постои, ниту постоела грешка во Националниот систем за вакцинација. Внесувањето на ЕМБГ се користи како корисничко име, а злоупотребата на матичните броеви, личните податоци, како што ви посочивме и вчера е кривично дело. ЕМБГ е посебна категорија на личен податок кој се користи само во околности кога тој е потребен за целите за кои се врши обработка на личните податоци како што е случајот со Националниот систем за вакцинација – велат од Министерството за здравство.
Инаку реакциите во јавноста беа токму дека системот на вакцинација.мк до вчера овозможуваше буквално на секој да дојде со личните податоци на секој човек. Граѓаните уплашени и загрижени за безбедноста на своите лични податоци се прашуваат дали после оваа ситуација треба да се пријавуваат на сајтот за вакцина и кој ќе гарантира дека сега личните податоци ќе бидат безбедни.
Вчера Алфа ТВ објави дека човек без особени познавања од областа на ИТ технологијата, успеал да собере дури 140 документи со лични податоци од сајтот на вакцинација, единствени матични броеви, електронската книшка, видот на вакцината, каде и кога сте вакцинирани и други податоци од лична природа.
Ивана Крстевска