Министерство демантира во име на Филипче, тештата и Филипов молчат за објектот во Нерези

Никој не негира оти тештата на министерот Филипче, Катерина Савеска и сопственикот на фирмата „Синерџи“, Горан Филипов, што редовно добива тендери за набавка на материјали за државни болници, заедно градат куќа. Минаа повеќе од 24 часа, а Филипов и Савеска, не се обратија до редакцијата на Алфа. И министерот реши да молчи, а барање за извинување за објавен прилог на Алфа преку кој се отвораат основани прашања од јавен интерес, пристигна од министерството за здравство. Оттаму велат оти се изнесувале неосновани претпоставки.

-Не постои никаква поврзаност помеѓу министерот Венко Филипче и наводниот објект за којшто се зборува во прилогот или со сопственикот на објектот. Секоја релација што е наведена во прилогот е неоснована, произволна и резултат на претпоставки. Целиот прилог се базира врз наводни врски и наоди кои се истакнати во самиот прилог и кои немаат врска со реалноста. Исклучена е можноста за какво било влијание врз тендерската постапка од страна на министерот или кое било друго лице од Министерството за здравство. Од медиумот Алфа бараме да се извини за невистините изнесени во текстот, се наведува во реакцијата на државната институција. Според службата за односи за јавност, со прилогот се вршел обид, името на министерот да се поврзе со искреирана бизнис релација со што ќе се дискредитирало името на функционерот и процесите на Министерството за набавка на медицинска опрема.

Нејасно е зошто министерот самиот дирекно не негираше дека негова роднина и сопстеникот на „Синерџи“, за кој потврди дека го познава, но не биле многу блиски пријатели, заедно градат куќа.

 

Според документи до кои дојдовме името и презимето, а и адресата на сопственикот на „Синерџи“ се исти со податоците во катастар. Куќата постои, се наоѓа во Нерези и е во постапка на градба.

Должност на новинарите е истражуваат секогаш кога постојат индиции дека е можна злоупотребата на јавните пари од страна на функционерите. Засега останува прашањето зошто сопственик на фирма која секој месец добива тендери од државни институции, заедно со роднина на функционер гради куќа голема над 1000 м2?

Сања Трајковска Ставров

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста