Министерот за транспорт направи техничка грешка со северномакедонски јазик

Воведува ли министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски нов јазик, северномакедонски?

Идентитетот бетон, јазикот не го даваме, кодовите МК и МКД исто така, ова беа ставовите на Владата во врска со зачувувањето на “македонското” со потпишувањето на Преспанскиот договор.

Но официјалните документи на институциите го покажуваат спротивното. Во оглас објавен на веб страницата на министерството за транспорт и врски за најмување на референт за техничка поддршка наместо македонски јазик е напишано северно-македонски јазик.

Во точка 1 поддточка 1 каде се објаснуваат условите за како да се аплицира за огласот, е наведено дека документите треба да бидат подготвени на северно-македонски јазик.

Секој предлог проект од страна на општините мора да биде одржлив од технички и финансиски аспект. Целокупната техничка и административна документација поврзана со проектите за водоснабдување и собирање на отпадни води што ќе се финансира во рамките на Проектот „Водоснабдување и собирање на отпадни води“ треба да е изготвена на северно македонски јазик во согласност со важечкиот Закон за градба на Република Северна Македонија.

Од министерството пак се правдаат, велат не била намерно, тоа било техничка грешка, и вината ја префрлија на службите.

Во однос на вашето прашање во врска со огласот објавен во месец март 2019 година, Ве информираме дека е направена техничка грешка при преведување на текстот на Огласот од страна на службите. Исто така сакаме да потенцираме дека е очигледно дека станува збор за техничка грешка со тоа што понатаму во истата реченица, како и во остатокот на Огласот, стои македонски јазик.

Според прирачникот кои го изготви министерството за надворешни работи, употребувањето на јазикот како северно-македонски е погрешно.

Правилно: македонски етнички идентитет, македонски јазик, македонска култура, македонска територија, македонски граѓани, македонска историја, македонски планини, македонска литература, македонско кирилско писмо, македонска храна, македонски цркви… Неточно: придавки како „северно македонски“, „с. македонски“ и „северномакедонски“.

Иако овие термини се уредени со правилник, сепак голем број од странските медиуми ги употребуваат термините северно-македонски премиер, северно македоски јазик итн. Од министерство за надворешни работи своевремено информираа дека ги известиле странските медиумски куќи оти тоа е прогрешно.

Во јавноста во последно време се случува уште еден тренд, интелектуалци кои што го поддржуваа договорот од Преспа и тврдеа дека идентитетот е бетониран, сега се премислуваат.

Една од нив е писателката Кица Колбе. Таа водеше кампања за поддршка на договор од Нивици, а сега откако во државата каде што живее, Германија, ја нарекуваат северно македонска што го говори северно македонскиот јазик го променува ставот.

Колбе е член на мешовитата грчко македонска комисија за историја образование и култура, но и покрај тоа што е револтирана од последиците од договорот се уште не дала оставка од комисијата.

Мери Ѓорѓиевска